Железничкиот сообраќај целосно блокиран, машинскиот и извршниот персонал излегува на бојкот

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Од 13 часот денеска целосно ќе биде блокиран железничкиот сообраќај низ земјава, поради бојкотот на машинскиот и извршен персонал на МЖ „Транспорт“. Бојкотот, како што најавија е поради неисплатен втор дел од платата за јуни, но и покачување на коефициентите.

Бојкотот е и за почнување преговори или одговор за измена и дополнување на систематизацијата, зашто имаме сознанија дека се поделени 230 решенија со покачување на коефициенти на одредени работни места, изјави за МИА претставникот на машинскиот и извршниот персонал и претседател на Синдикатот на машиновозачи, Тони Димовски.

Тој вели дека на 2 ноември 2021 година е донесена Одлука согласно која, ако до 25-ти во месецот не биде исплатена во целост платата за претходниот месец, на 26-ти машинскиот и извршниот персонал почнува со бојкот и блокада на железничкиот сообраќај.

-Минатата недела имавме средба со генералниот директор на која ни беше кажано денеска во 10 часот да бидеме во канцераијата кај него. Но, директорот денеска не беше дојден на работното место зашто бил на некаков состанок, дали во Влада или на друго место. Не прими неговиот советник кој не замоли да се стрпиме за плата до 4 август, петок. Ние неколку пати даваме шанса, еве и овој пат помина 26-ти. Им дадовме простор до крајот на месецот, но и до тогаш тие не можат во целост да ја исплатат платата за претходниот месец. Дополнително, и за првиот дел од платата, одбитоците за кредити кои некои колеги ги имаат земено, не се исплатени, објасни Димовски.

Тој потенцира дека железничкиот сообраќај ќе биде прекинат до исплаќање на вториот дел од платата и додека не се удоволат барањата на машинскиот и извршниот персонал доставени на 3 јули 2023 година.

-Барањата се за покачување на коефициентите и за наредбата од генералниот директор која требаше да важи од 1 јуни. Во периодот со енормно високи температури, наместо да бидеме наградени, ние сме казнети со 10 отсто на квалитет, а ниту еден друг во фирмата не е казнет, дури некои се и наградени. Сите од администрација и од работилница од одржување работат до 13 часот, а некои и воопшто не доаѓаат на своите работни места, нагласи Димовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот