Зголемен интересот за запишување во стручните училишта, во „Михајло Пупин“ пополнети скоро сите места (ВИДЕО)

Зголемен интерес за упис во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ забележан уште во првиот уписен рок. Како што информора директорот, Димитар Ѓорѓиев, првиот уписен рок во ова училиште е завршен, а пријавени се 219 ученика.

-Ова е наш рекорд, имаме најдобар упис во последните години. Досега се пријавени 219 ученика, што значи намален е бројот на слободни места во вториот и третиот уписен рок. Најголем број ученици се пријавија за струката компјутерска техника и автоматика. Оваа струка е најбарана на пазарот на трудот, а учениците можеа да се пријават и за останатите струки, електроника и телекомуникации, енергетика и тригодишно образование- електричар, за што се оформуваат паралелки поддржани од ЕВН. Тоа значи дека сите ученици без оглед на постигнатиот успех, добиваат месечна стипендија во износ од 2.500 денари, надомест за феријална пракса во летниот период и таблет, и што е најважно, сигурно вработување по матурирањето, информира Ѓорѓиев во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Резултатите од примените ученици ќе бидат објавени утре.

-Утре ќе имаме наставнички совет, и веднаш потоа резултатите ќе бидат објавени на влезот на училиштето, како и на интернет страната и фејсбук страна на училиштето. На учениците кои аплицирале за профилот компјутерска техника и автоматика, а не ги исполнуваат критериумите, ќе им биде понудено да се запишат во другите профили, со можност за префрлување во втора година, под услов со одличен успех да ја завршат првата година од образованието, објаснува Ѓорѓиев.

Тој вели дека во последните две години, зголемен е бројот и на девојчиња кои се запишуваат во училиштето.

– Оваа година имаме пријавени 10 девојки, а лани имавме 14. Тоа е добро, бидејќи порано се пријавуваа по две. Безбедноста на училиштето е зголемена, нема инциденти кои беа карактеристични за Михајло Пупин во минатото, а тоа ги охрабрува, и родителите и децата, образованието да го продолжат тука, завршува Ѓорѓиев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот