Володимир Зеленски / Фото EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Зеленски: Нетанјаху го има она што ми треба, јас го имам она што нему му треба

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за пресретнувачите на беспилотни летала и за експертизата на Киев во борбата против беспилотните летала произведени во Иран. Изјавата доаѓа во време кога војната во Иран влегува во третата недела, а според медиумските извештаи, Нетанјаху побарал преговори со Зеленски во последните денови, пишува „Еуроњуз“.

Според извештаите на израелските медиуми, Нетанјаху е заинтересиран за украински пресретнувачи на беспилотни летала, кои се покажаа како најприфатливо и најефикасно решение против иранските беспилотни летала. Украинскиот амбасадор во Израел, Евхен Корничук, потврди дека Киев го примил барањето и додаде дека состанокот веројатно ќе се одржи на почетокот на следната недела.

Нетанјаху е заинтересиран за украинските решенија

Зеленски ја потврди подготвеноста за разговори, без да прецизира кога би можеле да се одржат, но навести дека помошта на Киев ќе биде дел од размената.

„Нетанјаху има она што ми треба мене, а јас имам она што нему му треба. Затоа, јас сум подготвен за овој дијалог“, рече Зеленски.

Иако не објасни детално што Украина би барала од Израел за возврат, тој во посебна изјава нагласи дека дури и најсофистицираните системи за воздушна одбрана не се целосно ефикасни против иранските беспилотни летала.

„Илјадници ракети „патриот“ не можат да сопрат десетици илјади ирански шахеди“, рече Зеленски, додавајќи дека еден таков дрон е „четириесет пати поевтин од една ракета „патриот“, а не пак целиот систем. „Украина има комплетен систем за противвоздушна одбрана, освен антибалистичките капацитети“, додаде тој.

Украински експерти веќе на Блискиот Исток

На 10 март, Зеленски изјави дека Киев веќе испратил три тима воени експерти во Катар, Обединетите Арапски Емирати и во Саудиска Арабија. Тој исто така потврди дека Украина, на барање на Вашингтон, испратила тим експерти и пресретнувачи на беспилотни летала за да помогнат во одбраната на американските бази во Јордан.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, негираше дека е поднесено такво барање, тврдејќи дека таква поддршка не е потребна. Трамп потоа одделно изјави:

„Последната личност од која ни треба помош е Зеленски“.

Сложени односи меѓу Украина и Израел

Зеленски и Нетанјаху се сретнале само еднаш од почетокот на руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година, на маргините на Генералното собрание на ООН во Њујорк во септември 2023 година. Украинскиот претседател потоа се обиде да преговара за поголема поддршка од израелската страна за украинската одбрана и покоординирана стратегија против иранското оружје што им се испорачува на руските сили.

По состанокот во Њујорк, Зеленски изјави дека Украина и Израел делат „загриженост за растечката воена соработка меѓу Русија и Иран“. Во тогашната изјава на Нетанјаху се наведуваше дека „Израел ќе продолжи да ѝ помага на Украина во хуманитарни прашања, вклучително и решавање на проблемот со противпешадиските мини“.

Израел не воведе санкции врз Русија по почетокот на инвазијата на Украина и одржуваше срдечни односи со Москва.

ВИДЕО | Нетанјаху објави видео во кое ги демантира и исмејува гласините за неговата смрт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот