Завршува ерата на Валентино Роси: Докторот го вози последниот круг

Роси им отпоздравува на новинарите пред трката во Валенсиј/фото: EPA-EFE/Kai Foersterling

Популарниот „Доктор“ е единствениот мотоциклист во историјата на спортот што освоил светски титули во класите до 125, до 250 и до 500 кубни сантиметри, како и во Мото гран-при серијата, единствениот што извозел повеќе од 400 трки, на подиумот се искачил 235 пати и неговите 89 победи во премиерната класа се тешко достижен рекорд

По 432 поаѓања од стартно-целната рамнина, по 115 пати поминувајќи како прв низ неа и по девет освоени светски титули, Валентино Роси ги вози своите последни натпреварувачки кругови на светските писти, на патеката во Валенсија, каде што свечено ја завршува богатата кариера.

Четиресет и двегодишниот Роси „докторираше“ на патеките уште како момче. Се наметна како голем талент на возраст од 16 години, а потоа напредуваше низ класите и сега е единствениот мотоциклист во историјата на спортот што освоил светски титули во класите до 125, до 250 и до 500 кубни сантиметри, како и во Мото гран-при.

Својата прва титула во „кралската класа“ ја освои на возраст од 22 години, во 2001, кога уште не биле ни родени некои од противниците со кои сега се натпреварува на патеките. Победуваше прво со мотори на „хонда“, а потоа со „јамаха“.

Но, можеби поважно од сите трофеи беше освојувањето на публиката. Меѓу пилотите, па и во спортот воопшто, веројатно немало поомилено и попопуларно лице од вечно насмеаното на Роси. И сега, на залезот на својата кариера кога трките ги завршува на опашката, на трибините на пистите доминира „Жолтата армија“ што ги вее знамињата со „46“. Ги има многу повеќе отколку младите шампиони што го наследуваат, како Марк Маркез или актуелниот светски првак Фабио Квартараро.

Робин Худ и Клаудија Шифер

Во спортот во изминатиот четвртина век немало поголем шоумен од Роси, кој својата радост духовито ја споделуваше со публиката на најнеобични начини, со цели претстави во славеничките кругови. Како млад пилот на подиумот се појави со капа, лак и стрела како Робин Худ. Запираше пред трибините за да ѝ отпоздрави на публиката. На моторот зад себе возеше маскота на кокошка за да промовира спонзор.

Кога неговиот ривал Макс Бјаџи почна да се забавува со супермоделот Наоми Кембел, Роси на моторот возеше секс-кукла, нарекувајќи ја „Клаудија Шифер“, а кога Универзитетот на Урбино го прогласи за почесен доктор, на подиумот се појави како дипломец. По победата во Херез во 1999 година, пак, во почесниот круг запре за да посети мобилен тоалет, принудувајќи ги организаторите да го одложат за некоја минута доделувањето на трофеите.

Роси покрај моторите со кои ги освои деветте титули /фото: фото: EPA-EFE/Kai Foersterling

Со таква „ѕвезда“ беше привлечен и за филмските ѕвезди и другите светски асови. Негови следбеници се Бред Пит, Том Круз и Даниел Деј-Луис. Му се восхитуваа Михаел Шумахер и Луис Хамилтон. Повеќе пати низ медиумите се нагаѓаше кога ќе се префрли зад воланот на болид на формула 1.

Ферари четири пати го покануваше да го тестира нивниот болид. Во 2006 година, кога на тестирањето извозе круг за само 2 секунди побавно од пилотите, почна расправа дали ќе добие 30 или 35 милиони евра годишно како пилот на Ферари. Пред неколку години, пак, со Хамилтон ги заменија улогите – зад управувачите на болидот на Мерцедес и воланот на Јамаха. Вале и денес не ја отфрла можноста во иднина да вози спортски автомобил, покрај водењето на тим во Мого ГП и на мала бизнис империја.

Легендарни дуели

Брендот „ВР46“ е популарен од Италија до Токио и Хаваите. Неговиот роден град Тавулја денес е „Ватикан“ за следбениците. Гратчето секоја година го посетуваат повеќе од 20.000 туристи од целиот свет, а камбаната на локалната црква биела по секоја негова победа.

– Роси е човекот што го смени спортот и го прошири на места каде што не бил никогаш порано. Без сомневање во 73-годишната историја на мото-трките немало човек како Валентино Роси – оцени коментаророт на Би-би-си, Ник Харис.

Докторот е единствениот што извозел повеќе од 400 трки и неговите 89 победи во премиерната класа се тешко достижен рекорд. На подиумот се искачил 235 пати. Се паметат и се прераскажуваат низата дуели во последните кругови со Макс Бјаџи, но и размената на тупаници со сонародникот, легендарното претекнување на Кејси Стоунер во свиокот „коркскру“ во Лагуна Сека и турканиците со талентите од помладата генерација – Хорхе Лоренцо и Марк Маркез.

– Валентино беше и ќе остане мој идол. Кога на возраст од 6 години го видов како претекнува во последниот свиок на Херез, си реков: И јас сакам да бидам таму, да се натпреварувам со другите возачи во Мото ГП. Тој е неверојатен зашто вообичаено кариерите завршуваат на 35 години, но јас дочекав можност да се тркам со Вале – вели актуелниот светски шампион Фабио Квартараро.

Докторот се прости од публиката, но нема да ги напушти патеките. Неговиот тим ВР46 в година ќе настапува во Мото гран-при класата, а тој неодамна изјави дека сака да види колку може да постигне како пилот на спортски автомобил: „Мислам дека ќе се тркам соавтомобил“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот