Заврши медицинското вештачење за Јалдз Веапоска, испратено е до обвинителството во Струга

Јалдз Веапоска / Слободна ТВ

Завршено е медицинското вештачење за родилката од Дебар Јалдз Веапоска на која и беа извадени матката, јајникот и бубрегот по извршен царски рез на гинекологија во струшката болница. Веапоска поднесе кривична пријава против шест лекари од струшката болница по што Јавното обвинителство побара од судските вештаци да одговорат на прашањата дали осомничените постапиле соодветно во нејзиниот третман кога ја породувале со царски рез.

Како што потврдуваат за Слободен печат и од Обвинителството и од Судска медицина, вештачењето е направено на Институтот за судска медицина во Скопје, и истото е доставено до Основното јавно обвинителство Струга, меѓутоа засега нема никаква одлука. Со оглед на тоа што станува збор за предистражна постапка, ниту од обвинителството, ниту од Судска медицина не кажуваат што содржи вештачењето.

Предметот за кој покажувате интерес е во фаза на предистражна постапка во ОЈО Струга. По наредба на надлежниот јавен обвинител Институтот за судска медицна изврши вештачење и вештиот наод го достави до обвинителството. Во моменот се анализираат сите прибрани докази и се преземаат дополнителни дејствија за утврдување на фактите по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, велат од Обвинителството за Слободен печат.

Претходно седумчлена комисија формирана од Министерството за здравство за овој случај, не успеа да најде пропусти во лекарскиот третман на Јалдз Веапоска. Единствениот пропуст што тие го најдоа беше дека во медицинската евиденција во Струга, плодот бил заведен како машко, наместо како женско дете. За втората операција, која на Веапоска и беше направена по царскиот рез од Комисијата на МЗ напишаа:

„Веднаш итно се реагира, поради крварење се пристапува кон отворање на абдоменот. Увидено е дека крварењето е во дел од стомакот каде се наоѓаат репродуктивните органи и бубрезите, како би се спречило крварењето се пристапува кон вадење на матката и левиот јајник. Крварењето не запира, повикан е конзилијарен хирург и е утврдено дека лево ретроперитонеално има хематом што довело до сомнение за крварење во пределот на бубрегот. За да се спречи крварењето е пристапено кон отстранување на левиот бубрег, како би се спасил животот на пациентката. Сериозноста на состојбата се гледа и по анестезиолошките листи на дадена терапија (10 единици крв и 9 свежи смрзнати плазми). Пациентката била во животозагрозувачка состојба поради обилното крвавење, а лекарите успеале да ја одржат во живот”, напиша Комисијата формирана од Министерството за здравство тогаш.
По ова родилката револтирано изјави дека ќе се погрижи во приватна судска постапка да излезе на виделина целата вистина, дури и ако тоа треба да значи дека ќе оди на суд во Стразбур.

>-Знаеме дека сум имала хематом, ама стручната комисија требаше да каже од што тој настанал. Јас тврдам дека настанал од пресек на крвен сад во текот на операцијата. Девет месеци чекавме да ни кажат дека имало хематом? За ова време можев да отидам во странство да направам анализи, а не да ги чекам нив. Премногу сум разочарана и лута. Стручната комисија ми кажа дека се тука да ми помогнат, а ова ли е помош? Сите ќе ги тужам, сите што имале било што со таа операција во Струга. И ќе одам до Стразбур да ја најдам правдата. Знаеме дека имало хематом и дека имало обилно крварење, ама јас пред операцијата со царски рез немав ни хематом ни обилно крварење, тие две работи се настанати во текот на операцијата. Ова што ми го направија мене, не му се прави ни на куче. Не е можно од хематом да се вади бубрег и зошто ваделе матка и јајник ако крварењето било кај бубрегот, револтирано изјави Веапоска за Слободен печат пред десет месеци, кога случајот ја вознемири севкупната македонска јавност.

Комисијата од Министерството тогаш заклучи дека вакви компликации при гинеколошко акушерски операции се ретки, но сепак се случуваат. Што констатирал Институтот за судска медицина во своето медицинско вештачење останува тајна, со оглед на тоа дека се работи за предистражна постапка. Дали нивниот наод е спротивен на оној од стручната комисија на Министерството за здравство која не констатираше неправилности или пропусти во здравствената установа, останува да покаже понатамошниот дел од постапката.

Јалдз Веапоска: Предолго се молчи за мојот случај

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот