Јалдз Веапоска за Слободен печат: Разочарана сум и лута, ова е криминал и ќе тужам додека да стигнам во Стразбур!

Фото: Принтскрин

Медицинската сестра од Дебар Јалдз Веапоска за Слободен печат вели дека е крајно разочарана и лута што после 9 месеци стручната комисија составена да го ревидира нејзиниот третман во струшката болница, не успеала да најде пропусти во нејзиниот лекарски третман, иако од царскиот рез излезе без матка, јајник и бубрег. Таа е децидна дека веќе разговара со адвокатот и спремна е и покрај тоа што е во лоша здравствена состојба, правдата да ја бара и во македонските судови, па дури и до Стразбур.

-Ова не е нормално. Знаеме дека имало хематом. Ама стручната комисија требаше да каже од што настанал тој хематом. Јас тврдам дека настанал од пресек на крвен сад во текот на операцијата. Девет месеци чекавме да ни кажат дека имало хематом?За ова време можев да отидам во странство да направам анализи, а не да ги чекам нив. Премногу сум разочарана и лута. Стручната комисија ми кажа дека се тука да ми помогнат, а ова ли е помош? Сите ќе ги тужам, сите што имале било што со таа операција во Струга. И ќе одам до Стразбур да ја најдам правдата. Знаеме дека имало хематом и дека имало обилно крварење, ама јас пред операцијата со царски рез немав ни хематом ни обилно крварење, тие две работи се настанати во текот на операцијата. Ова што ми го направија мене, не му се прави ни на куче. Не е можно од хематом да се вади бубрег и зошто ваделе матка и јајник ако крварењето било кај бубрегот. Кога е настанат тој хематом, бидејќи пред царскиот рез немав никакви проблеми и крвната слика ми беше сосема стабилна и добра. Барам од Министерот за здравство да излезат јавно да го соопштат ова на дебата и да кажат кога и каде и ќе дојдам. Ова е криминал! Барам и веднаш да ми ги достават документите што им се уредно побарани, односно декурсус морби и оперативниот протокол. Тие се побарани и од Скопје и од Струга, меѓутоа не ми ги даваат, иако адвокатот им ги побара. А не ми ги даваат, зашто тие документи ми се потребни да ми се констатира во странство, што точно се случило. Ќе направиме и вештачења во странство, зашто овде ова е криминал, изјави Веапоска за Слободен печат.

Седумчлената комисија што ја формираше министерот за здравство Венко Филипче, денеска завршила со стручниот надзор на струшката болница, поврзан со медицинската сестра од Дебар Јалдз Веапоска, која при пораѓање со царски рез остана без матка, бубрег и јајник. Во извештајот што го испратила комисијата до Министерството за здравство, единствениот недостаток што бил констатиран било тоа дека во медицинската евиденција во Струга, плодот бил заведен како машко наместо како женско дете.

Откако комисијата извршила надзор за општата состојба и лекарскиот третман таа навела дека пациентката на 27 август и бил направен царски рез по што се породила со живо женско бебе.

,,Пациентката, ноќта се жали на болки во стомакот, повикан е анестезиолог, направена е крвна слика и дадена и е терапија. Во постоперативниот тек пацинетката е следена интезивно од страна на медицински тим гинеколози и анестезиолози во струшката болница. На првиот постоперативен ден односно на 28 август 2020 година, состојбата на пациентката е стабилна, но од крвните анализи се воочува редукција на крвната слика, а целиот лекарски тим постапува по сите протоколи и доктрини, дадена и е терапија, но анализите покажуваат пад на хемоглобин. Вториот постоперативен ден пациентката е стабилна со уредни параметри, таа била активна и подвижна, па направена и е контролна крвна слика. Третиот постоперативен ден на утринската визита пациентката е исто така во стабилна општа состојба со уредни витални параметри, уредна темература, контролната крвна слика покажува пад на хемоглобин и на еритроцити. Четвртиот постоперативен ден, пациентката била со стабилни витални параметри, уреден наод и затоа е одлучено да се испише. Пациентката била под медицински надзор, гинекоког-акушер и анестезиолог, во текот на целиот престој во болницата на ЈЗУ ОБ Струга”, навела комисијата во дописот до Министерството за здравство.

Меѓутоа, четвртиот ден кога пациентката е подготвена за испис, со препишана терапија и закажана контрола за три дена кај истата состојбата нагло се влошува се појавува тахикардија, хипотонија и клиничката слика укажува на хеморагичен шок, има состојба со изразито низок хемоглобин, што било индикација за итна интервенција.

,,Веднаш итно се реагира, поради крварење се пристапува кон отворање на абдоменот. Увидено е дека крварењето е во дел од стомакот каде се наоѓаат репродуктивните органи и бубрезите, како би се спречило крварењето се пристапува кон вадење на матката и левиот јајник. Крварењето не запира, повикан е конзилијарен хирург и е утврдено дека лево ретроперитонеално има хематом што довело до сомнение за крварење во пределот на бубрегот. За да се спречи крварењето е пристапено кон отстранување на левиот бубрег, како би се спасил животот на пациентката. Сериозноста на состојбата се гледа и по анестезиолошките листи на дадена терапија (10 единици крв и 9 свежи смрзнати плазми). Пациентката била во животозагрозувачка состојба поради обилното крвавење, а лекарите успеале да ја одржат во живот” навела стручната комисија.

Комисијата заклучила дека вакви компликации при гинеколошко акушерски операции е ретка, но сепак се случува. По завршувањето на оперативниот третман, заради нестабилност на општата состојба на пациентката и поради потреба од итна реанимација, лекарите од струшката болница ги консултирале колегите анестезиолози од КАРИЛ и одлучено е пациентката да се транспортира во Скопје. По префрлање на пациентката во КАРИЛ направена е КТ на абдомен и е поставена индикација за итна ре-реинтервенција од страна на уролозите од Клиника за Урологија по што состојбата на пациентката се стабилизира и таа е испишана во добра општа состојба.

Во врска со предлог за определување на мерки за отстранување на недостатоци, неправилности или пропусти во роковите за нивно спроведување – Комисијата не констатира недостатоци, неправилности или пропусти во здравствената установа.

Случајот Јалдз Веапоска тапка во место: Втор месец чекам да дознаам зошто ми се извадени здрави органи

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот