Јалдз Веапоска: Предолго се молчи за мојот случај

Јалдз Веапоска / Слободна ТВ

Медицинската сестра од Дебар, Јалдз Веапоска, која остана без матка, бубрег и јајник откако отиде да се породи со царски рез во струшката болница, уште чека комисијата назначена од министерот за здравство Венко Филипче да излезе и да образложи зошто и биле извадени овие органи.

-Зошто уште се молчи и која од институциите сака да го заташка случајот? Комисијата беше составена на 13 март и јас бев повикана на сослушување само еднаш. Министерот Филипче соопшти дека на почетокот на мај ќе излезат јавно да го соопштат наодот, но крај на месец мај дојде и уште нема одговор. Одговор немам ни од струшкото обвинителство кое кажа дека за неколку дена ќе излезат со соопштение. Нема одговор ни од Министерството за здравство, ниту од Обвинителството во Струга. Многу долго време се молчи за мојот случај, изјави Веапоска за Слободен печат.

На 16 март годинава, Филипче донесе решение да формира петчлена комисија за вршење надзор на стручната работа на струшката болница во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката. За извршениот надзор Комисијата во рок од 8 дена требало да достави извештај до Министерството за здравство. Филипче од Комисијата побара извештајот задолжително да содржи констатирана состојба, евентуални недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита. Членовите на Комисијата формирана од Филипче, треба да дадат стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можни последици по здравјето на пациентот и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоци или пропусти и рокови за нивно отстранување“ стои во дописот на Министерството за здравство.

Претходно Платформата за родова еднаквост побара детална истрага и одговорност за случајот со родилката. Лекарската комора исто така изврши надзор во болницата и констатираше во својот извештај дека Веапоска била соодветно примена и адекватно предоперативно подготвена за пороодување и дека не се констатирани пропусти во оперативното породување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот