Заев ги тужи за клевета пратеникот Бране Петрушевски и доктор Жан Митрев – бара отштета од 1 милион денари
Поранешниот премиер Зоран Заев објави дека поднел тужба за клевета против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, и против кардиохирургот Жан Митрев. Со тужбите, како што вели во објавата на Фејсбук, бара утврдување на одговорност и отштета од вкупно еден милион денари – по 500.000 денари од секој предмет, а надоместокот вели дека ќе го донира за децата без родители и лица со посебни потреби.
Препорачано
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед. Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата. Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, пишува Заев во фејсбук-објавата.
Тужбите се однесуваат на изјавите на Петрушевски од 7 февруари годинава, во кои тој го обвинува Заев за поврзаност со запленетите 27 тони дрога во земјава, тврдејќи дека експремиерот е дел од струмички наркокартел, како и дека лиценците за производство на канабис за медицински цели во времето на владата на СДСМ се доделувале по блискост со владејачката партија.
А пак тужбата против кардиохирургот Жан Митрев, се однесува на наводите кои докторот неодамна ги изнесе во интервју за телевизија Алфа – дека поранешниот премиер Зоран Заев и ексминистерот за здравство Венко Филипче се обиделе да го принудат да им ги продаде неговите сопственички удели во клиниката.
Заев вели дека обвинувањата за канабисот се политички мотивирани, најави дека ќе ја тужи ВМРО-ДПМНЕ
Изјавите на Петрушевски, Заев ги нарече измислици од најнизок вид чија цел, според него, се рушење на неговите чест и углед. Тој целосно ги отфрли и наводите на Жан Митрев дека некогаш барал пат до сопствеништво на приватната клиника, ниту дека бил заинтересиран за такво нешто.


