Зоран Заев / Фото: СДСМ

Заев вели дека обвинувањата за канабисот се политички мотивирани, најави дека ќе ја тужи ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, јавно реагираше на обвинувањата од власта за негова наводна поврзаност со заплената на медицински канабис од неколку фабрики низ државата, категорично негирајќи каква било поврзаност со случајот.

Тој во објава на „Фејсбук“ вели дека бара јавно извинување од пратеникот Бране Петрушевски, но и од ВМРО-ДПМНЕ за сите, како што ги нарече, лаги, клевети и навреди.

„Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање – вели Заев во објавата.

Тој додава дека е „безобразна лага“ тоа дека на кој било начин бил поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Според Заев, „безобразна и дрска лага“ е и дека тој се јавувал во Царинската управа.

– А, без никаков срам, подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката, а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции.  Трпам секојдневни навреди веќе пет години. Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам, се борев за слобода на говорот. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но сега е доста“ пишува Заев.

Поранешниот премиер најави и можни тужби кон пратеникот Бране Петрушевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку не се извинат во законски предвидениот рок, ќе поднесам тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име“ се вели во објавата на Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот