Авто плац за половни возила / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

За секој увезен нов автомобил има околу три и пол употребени возила – возниот парк во земјава, слика на стандардот

Минатата година во земјава се увезени 60.400 патнички автомобили, а од нив 46.800 се употребени, додека нови се само околу 13.600. Ова значи дека за секој увезен нов автомобил има околу 3,5 употребени возила, што ја отсликува доминантната улога на половните возила на пазарот со автомобили. Трендот на увоз на половни автомобили е долгорочен, во последните десет години повеќе од 80 проценти од сите увезени возила биле употребени, што влијае на стареењето на возниот парк во земјата. Просечната возраст на автомобилите што се движат по македонските патишта достигна околу 19,4 години, што значи дека на патиштата доминираат постари генерации возила.

И увозот на автобусите го прати овој тренд – лани биле увезени 14 нови, а 307 половни автобуси. Поповолна е положбата кај камионите – 4.689 нови товарни возила, а 3.931 половен камион.

Најбарани се возилата до 10.000 евра

Сопствениците на половни автомобили велат дека големата доминација на употребени автомобили во увозот се должи на потрошувачката способност на граѓаните, како и на пониските почетни трошоци поврзани со купување на стари возила во споредба со нови.

Фото: Felix Wong / илустрација

-Муштериите главно бараат возила до 10.000 евра, најчесто од европски производители. Она што го увезуваме, а е поново е со многу повисоки цени – вели сопственик на плац за возила.

Истовремено, ова ја зголемува и просечната возраст на возниот парк, што има последици врз емисијата на штетни гасови и безбедноста на сообраќајот, нагласуваат аналитичари.

Високи емисии на штетни гасови

Големиот увоз на половни автомобили директно се одразува врз квалитетот на воздухот во земјата. Според податоците на релевантни институции, значителен дел од увезените автомобили се дизел-возила со пониски еколошки стандарди (Еуро 3 и Еуро 4). Експертите предупредуваат дека постарите возила произведуваат повеќе штетни гасови, азотни оксиди, јаглерод моноксид и ситни ПМ-честички кои придонесуваат за загадување на воздухот, особено во зимските месеци кога урбаните средини како Скопје, Тетово и Битола се соочуваат со високи концентрации на загадување.

Загадување на воздухот, издувни гасови од коли / Фото: “Слободен печат” – Драган Митрески

-Доминацијата на половни дизел автомобили значи дека државата увезува и дополнителен еколошки товар“, велат еколошките здруженија.

Според нив, без рестриктивни мерки или јасна стратегија за обновување на возниот парк, просечната старост на автомобилите ќе продолжи да расте.

Во јавноста веќе подолго време се отвора прашањето дали треба да се воведат построги критериуми за увоз на половни возила, како што се забрана за увоз на возила под одреден Еуро-стандард, повисоки давачки за постари автомобили, поттикнување на увоз и купување електрични и хибридни возила и субвенции за замена на стар автомобил со понов и поеколошки модел. Некои европски земји веќе применуваат такви мерки, со цел постепено намалување на старите дизел возила од сообраќајот. Во Македонија бројот на вакви возила сè уште е релативно мал во споредба со вкупниот број регистрирани автомобили.

Малку електрични автомобили

Иако доминантниот дел од автомобилите што се увезуваат во Македонија и натаму се употребени возила со дизел или бензински мотори, податоците покажуваат дека доаѓа до забележлив раст и кај електричните возила, иако нивниот број сè уште е релативно мал во вкупниот увоз. Според податоците за регистрираните возила во 2024 година, електричните автомобили сè уште сочинуваат маргинален дел од вкупниот возен парк, но бележат значителен годишен пораст.

Уличен полнач за електрични возила - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Уличен полнач за електрични возила – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Во текот на 2024 година биле регистрирани 1.507 електрични возила, што претставува раст од 169 проценти раст во споредба со 2023 година, кога биле регистрирани 561 електрични автомобил. Паралелно, хибридните возила бележат уште поизразен пораст од 295 отсто со 5.078 единици во 2024 година. Бидејќи официјалните податоци за увозот на електрични возила (од царинските листи) не се посебно издвоени по тип, бројката на регистрирани возила дава добра слика за трендот, електричните автомобили се сè почести, но се уште сочинуваат само неколку проценти од новоувезените возила. Сепак, во однос на вкупниот увоз на возила кој во 2025 година достигна околу 69.400 вкупно увезени возила, електричните автомобили и натаму чинат многу мал дел од структурата, додека старите дизел и бензински возила продолжуваат да доминираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот