Пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ во Автокоманда / Фото: Филип Николов - „Слободен печат“

Вработените во „Паркови и зеленило“ сѐ поблиску до штрајк, работат без плата во пунктови со мизерни услови

Синдикатот се обратил до Министерството за економија и труд, со цел да назначат човек што би бил „помирувач“ помеѓу двете страни, со цел надминување на овој сериозен проблем и повика на одговорност на сегашните, но и на минатите раководства на претпријатието, кои ги оставиле пунктовите да „скапуваат“ низ годините, а вработените ги оставиле без плата

Пред просториите на пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ во Автокоманда, независниот синдикат на претпријатието и фирмите сестри „Флораком“ и „Луна“ денеска одржаа собир и мирен протест поради тоа што, иако минатата недела во неколку наврати блокираа улици и булевари низ Скопје во знак на протест, тие сè уште ја немаат земено септемвриската плата, но и за да ја покажат ужасната состојба во која се наоѓа овој пункт. Тие вчера попладне требаше да одлучат дали од денеска претпријатието ќе започне со целосен штрајк.

Пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ во Автокоманда / Фото: Филип Николов – „Слободен печат“

Пунктот нема струја, покривот се распаѓа

Горан Ристески, кој е дел од Независниот синдикат на државна администрација, каде што членуваат и независниот синдикат на „Паркови и зеленило“ и двете сестрински фирми, истакна дека вработените немаат никаков контакт со управителите од претпријатието, кои ниту еднаш не се одѕвале на нивните барања за средби во изминатиов месец, а во однос на пунктот пред кој говореше, тој потенцираше дека местото едвај ги исполнува, како што вели, условите за живот.

– Овој пункт е на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, каде што престојуваат дел од вработените од претпријатието, за жал е еден од подобрите каде што има „услови за живот“. Имено, тука нема струја, протекува покривот, објектот е стар повеќе од 30 и нешто години, нема никакви услови, никакви, нула. Значи, ниту тоалет, ниту услови за да јадеш, да одмориш и така натаму. Значи, овој е еден можеби од подобрите пунктови, има и многу полоши – вели Ристески.

Пунктот што се состои од две лимени бараки е релативно мал и далеку од оперативен. Просторот од едвај 15 метри квадратни е тотално запуштен и без греење, а во него секојдневно има вработени чијашто база за работа е токму ова место, но на него низ децениите никој од надлежните не обрнал внимание, со што производ е токму оваа ситуација денес, односно нефункционален „пункт-лименка“.

Пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ во Автокоманда / Фото: Филип Николов – „Слободен печат“

Плата за септември нема, штрајкот е последна опција

Ристески, во однос на неисплатената плата за септември, која доцни речиси две недели, истакна дека проблемот е идентичен и не се „помрднал“ ниту малку – вработените ја немаат добиено платата која ја сработиле.

– Денеска исто така протестираме пред пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ со цел да искажеме револт поради неисплатата на платата за септември, како и неисплатата на јубилејна награда за изминатите три години, како и неисплатата на новогодишниот додаток, исто за минатите три години регрес за годишниот додаток. Воедно, вработените не го добиваат додатокот за починат близок член на семејството. Денеска е последниот ден што ќе чекаме да биде исплатена платата за септември пред да го активираме штрајкот, кој беше ставен во мирување – информираше тој.

Според Ристески, попладнево треба да се сретнат членовите на Независниот синдикат при ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и фирмите сестри за да се одлучува на следниот чекор, односно можното започнување штрајк, што е последната правна опција што можат да ја употребат неисплатените работници.

Вработени пред пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ во Автокоманда / Фото: Филип Николов – „Слободен печат“

Претседателот на Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“ Атанас Георгиевски изјави дека претпријатието, освен проблемот со неисплата на плати, се соочува и со проблеми во начинот на финансирање, како и начинот за вработување.

– Ова е повеќегодишен проблем, но не е единствен со кој се соочува претпријатието. „Паркови и зеленило“ има проблем со начинот на финансирање за добивање и исплаќање плата, начинот на вработување, начинот на набавување на сите работи, има повеќе проблеми. Сега немаме земено, а нема ни најава дека воопшто ќе ни биде исплатена. Ние посакуваме да се решаваат проблемите, пробуваме со сите можни средства да ги решиме проблемите, но тоа е тешко – вели Георгиевски.

Ако нема плата, претпријатието ќе работи со 30 отсто капацитет

Тој информираше дека доколку се воведе штрајк, во согласност со законските рамки, претпријатието од утре ќе работи со 30 отсто од капацитетот, со што, како што вели тој, ќе се види колку е важна работата на луѓето што работат во „Паркови и зеленило“.

– Според закон, за да не се пречекори законската рамка, доколку воведеме штрајк, 30 отсто од капацитетот на претпријатието мора да се функционира, додека, пак, останатите 70 отсто од вработените ќе започнат со штрајкување со присуство на работното место, но тие нема да работат. Со тоа, за првпат ќе може да се види како ќе изгледа нашиот град кога не работи „Паркови и зеленило“.

Ние го правиме лицето на Скопје иако сите се фалат и се сликаат низ градот, а за тие да можат да се сликаат, заслужни се токму работниците, кои не добиваат ниту плата, ниту додатоци на плата, а немаат ни соодветни услови за работење, тоа е – вели претседателот на Независниот синдикат на ЈП „Паркови и зеленило“.

Ристески потенцираше дека тие се обратиле до ресорното министерство, односно Министерството за економија и труд, со цел да назначат човек што би бил „помирувач“ помеѓу двете страни, како и „арбитража“, со цел надминување на овој сериозен проблем и повика на одговорност на сегашните, но и на минатите раководства на претпријатието, кои ги оставиле пунктовите да скапуваат низ годините, а вработените ги оставиле без плата.

Пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ во Автокоманда / Фото: Филип Николов – „Слободен печат“

Доколку се донесе одлука за штрајк, штрајкувањето ќе трае сѐ додека целосно не се реши овој проблем со кој се соочуваат повеќе од 700 вработени, кои сè уште ја чекаат септемвриската плата, како и сите други додатоци што последно ги добиле пред три години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот