Возачот кој го прегази Јорго Ќука возел со 53 км/час – му се закануваат најмалку 4 години затвор
Возачот кој го прегази поранешниот директор на ОХИС Јорго Ќука во ноември лани возел со 53 километри на час, на место каде е дозволено 50 километри на час, и му се закануваат најмалку четири години затвор. Против него е поднесено обвинение за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, кривично дело за кое се заканува затворска казна од најмалку четири години, односно настанот е квалификуван како најтешко кривично дело од областа на сообраќајот.
Препорачано
– На обвинетиот му се става на товар дека на 03.11.2025 година, околу пладне, управувал автомобил „фолксваген пасат“ по булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, но не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Пред крстосницата со улицата „Лазар Личеноски“, на пешачки премин не ја намалил брзината и возел 53 км/час, односно повеќе од дозволеното во населеното место. Не можел навремено да запре и со предниот дел од возилото удрил во велосипед кој поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, велосипедистот Јорго Ќука се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место- соопшти Обвинителството.


