Девојка гледа Инстаграм преку мобилен телефон/Фото: Chris Rout / Alamy / Profimedia

Воајеризам или слобода? Конечно можеме анонимно да ги гледаме „приказните“ на Инстаграм

Мета воведе нова можност во рамките на својата платена претплата на Инстаграм Плус која го раздрма дигиталниот свет: т. н. „инкогнито“ начин на работење. Оваа можност на корисниците им носи прегледувањето приказните на други луѓе (stories) без нивното име да се појави на листата на гледачи.

Додека некои го поздравуваат новото ниво на приватност, други предупредуваат на потенцијални негативни последици што ја нарушуваат темелната транспарентност врз која е изградена оваа популарна функција. Прашањето што се наметнува е дали ова е чекор кон поголема слобода на корисниците или вовед во нова ера на дигитален воајеризам со цена?

Што носи претплатата на Инстаграм Плус?

Новата можност за анонимно гледање на приказните не е самостојна опција, туку е дел од поширок пакет ексклузивни алатки достапни исклучиво за претплатниците на Инстаграм Плус. За месечна претплата од околу 3,43 евра, корисниците добиваат пристап до низа придобивки осмислени да го збогатат нивното искуство на платформата. Една од најинтересните дополнителни карактеристики е увидот во тоа колку пати вашата сопствена приказна е повторно гледана од истиот корисник, што им нуди на креаторите на содржини подлабока аналитика на ангажманот.

Понатаму, претплатата овозможува создавање повеќе прилагодени листи на публиката за „приказните“, надминувајќи ја постоечката опција „Блиски пријатели“ (Close Friends) и давајќи им на корисниците пофина контрола врз тоа кој ја гледа нивната содржина. Уште една практична придобивка е можноста да се продолжи времетраењето на приказната за дополнителни дваесет и четири часа, давајќи им на објавите двојно подолг животен век. Претплатниците исто така можат да изразат посебно одобрување со помош „суперлајкови“ на „приказните“ на другите корисници и да добијат приоритетно прикажување во профилите (feed) на своите следбеници, со што се зголемува видливоста на нивните објави. Сепак, и покрај сите овие додатоци, токму анонимното гледање на приказните предизвикало најголема дискусија.

Од долготраен тест до глобална функција

Воведувањето на „инкогнито“ начинот на работесње не е избрзана одлука. Мета внимателно ја тестирала со месеци оваа функцијата на одбрани пазари, вклучувајќи ги Филипините, Јапонија и Мексико, за да ги процени реакциите на корисниците и техничката изводливост. По пробниот период, била донесена одлука функцијата да се интегрира во системот за платена претплата кој постепено се шири низ целиот свет.

Овој потег ја сигнализира стратегијата на Мета за монетизација на платформата преку ексклузивни функции, следејќи го трендот што веќе го поставија други социјални мрежи како Икс (поранешен Твитер) и Снепчет. Интересно е што корисниците со години бараат неофицијални начини за постигнување анонимност, користејќи разни апликации од трети страни и проширувања на прелистувачите кои честопати беа несигурни и ризични за безбедноста. Сега Мета ја препознала таа желба, ја спакувала во безбеден, официјален производ и ѝ ставила цена.

Слобода или алатка за злоупотреба?

Реакциите на новата функција се длабоко поделени и отвораат поширока дебата за природата на приватноста на социјалните мрежи. Од една страна, многу корисници ја поздравуваат можноста да преглед на содржините без да чувствуваат социјален притисок или обврска за интеракција. Ова им овозможува слободно да истражуваат профили без да остават дигитална трага, без разлика дали станува збор за следење на конкуренцијата, проверување на поранешните партнери или едноставно љубопитно пребарување без намера да стапат во контакт. За нив, ова е враќање на дел од приватноста што еродираше во хиперповрзаниот свет.

Од друга страна, креаторите на содржини и експертите за дигитална безбедност изразуваат сериозна загриженост. Клучниот елемент на инстаграм-приказните досега беше транспарентноста – авторот секогаш можеше да види кој ја видел неговата објава. Таа листа на гледачи не служеше само за задоволување на љубопитноста, туку беше и важен безбедносен механизам, пишува „Руш“.

Потенцијал за дигитално следење

Критичарите предупредуваат дека новата функција на Инстаграм за анонимно гледање „приказни“ би можела значително да го отежни откривањето на несакано следење и дигитално вознемирување. Личноста што ја објавува содржината ја губи способноста да го идентификува профилот кој опсесивно го следи, што создава чувство на немоќ и изложеност. Анонимноста за која гледачот плаќа директно го одзема чувството на безбедност на креаторот.

Со ова се нарушува премолчениот општествен договор на платформата: „Јас споделувам дел од својот живот, а за возврат гледам кој е дел од мојата публика“. Овој новитет, тврдат експертите, им дава приватност на гледачите на директна штета на приватноста и безбедноста на оние што објавуваат.

Овој потег на Мета покренува темелни прашања за иднината на социјалните интеракции на интернет. Додека платформите бараат нови извори на приходи, границите помеѓу приватноста, транспарентноста и безбедноста стануваат сè понејасни. Дали платените функции ќе создадат дигитален свет поделен помеѓу оние што можат да си дозволат анонимност и оние што остануваат изложени? Одговорот на тоа прашање ќе го обликува не само начинот на кој го користиме Инстаграм, туку и целата наша перцепција за тоа што значи да се биде видлив во дигиталното доба.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот