Во угостителството и хотелиерството официјално има најниски плати

Највисоките плати остануваат „зацементирани“ во секторот Информации и комуникација, откриваат бројките на Државниот завод за статистика

Иако може да се прочитаат огласи во кои за добар готвач се дава плата и над 1.000 евра, во секторот „Објекти за сместување и сервиси дејности со храна“ е евидентиран најнискиот просек на нето-плата од 33.053 во однос на сите други сектори, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика, а кој се однесува за ноември минатата година.

Во угостителската дејност, особено летово работеа млади момчиња – студенти, па и средношколци. За нив обично договорите беа „работа за дневница“. Ова беше и една од причините за носење на Законот за работно ангажирање на лица, според кој студенти може сезонски да бидат вработени, така што ќе им тече пензиски стаж и здравствено осигурување.

Во разговор со повеќемина келнери во скопски угостителски објекти, тие велат дека платите не се високи, а газдите обично велат дека тоа ќе им се компензира со бакшишот што го добиваат.

– Без 300 денари бакшиш обично не си одам дома – вели скопјанка што работи во кафуле.

Но, има и такви што сакаат да си ги задржат работниците, па повеќе го одврзуваат ќесето.

– Јас веќе со години работам тука. Платата ми е 40.000 денари, а и се навикнав – вели еден наш соговорник и додава низ смеа дека веќе има отповеќе години за да оди во Хрватска сезонски на печалба.

Највисоките плати, според податоците од Државниот завод за статистика, остануваат во секторот Информации и комуникација, каде што нето-просекот изнесува 83.496 денари.
Од предна цифра осмица до петка, има „бришан простор“ односно никој нема плати околу 70 илјади, или 60 илјади денари. Следните со највисоки плати се во секторот Јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување каде што нето-просекот изнесува 50.338 денари.

Меѓу најниските просеци со почетна тројка во бројката се Земјоделство, шумарство и рибарство со 35.410 денари, Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината со 36.823 денари, Административни и помошни услужни дејности со 38.007 денари и Градежништво со 39.853 денари.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември 2025 година, изнесува 45 961 денар. Во ноември 2025 година, во однос на ноември 2024 година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 9,4 проценти, но во однос на претходниот месец нема промени. Сепак, поради инфлацијата, таа е реално намалена за половина процент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот