Во магацините има и шеќер и масло за јадење
Јас како трговец може да кажам дека имам од сите видови на масло за јадење, ги имам и домашните „Кристал“ и „Брилијант“, а имам и увезени српски масла за јадење. Шеќер увезуваме од Босна, Мароко, Србија, Австрија…, вели Смилевски
Граѓаните не треба да стравуваат за шеќерот, затоа што има увоз на големи количини, а магацините се полни и со масло за јадење, но за овој продукт е проблем маржата која е нула за трговијата на мало, поради што голем дел од продавниците не сакаат да го продаваат, изјави за „Слободен печат“, Румен Смилевски, сопственик на велешката компанија „Малина“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
По правењето домашни залихи со масло за јадење, што доведе до тоа Министерството за економија да ги повика продавниците да не продаваат големи количини, во продажната мрежа е забележано зголемено купување на шеќер, ни и зголемување на неговата цена за 20-тина проценти.
– Јас како трговец може да кажам дека имам од сите видови на масло за јадење, ги имам и домашните „Кристал“ и „Брилијант“, а имам и увезени српски масла за јадење. Шеќер увезуваме од Босна, а тој е од „Аграна“ . Станува збор за квалитетен шеќер и го имаме во доволна количина. Мислам дека фамата околу шеќерот се создаде поради тоа што Алжир донесе одлука за забрана за извоз на шеќер. Ние увезувавме и од Алжир, но се преориентиравме. Инаку шеќер се увезува и од Мароко, Србија, Австрија… – вели Смилевски.
Тој вели дека шеќерот има берзанска цена и сега, во нашите продавници е околу 50 денари.
– Иако шеќерот е бeрзански производ и во Македонија нема негово производство, што значи дека целосно сме зависни од увозот, не очекувам нагорна корекција на цената и мислам дека таа ќе се стабилизира на сегашното ниво – вели Смилевски.
Според него, главна причина што во многу продавници не може да се најде маслото за јадење е тоа што тоа мора да се продава по набавна цена. Како што е познато, согласно одлуката на Владата, од 10 март белиот и полубелиот леб, зејтинот и брашното тип 400 се продаваат без профитна маржа во маркетите, додека трговците на мало имаат ограничена маржа од 3 проценти за бел шеќер, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежо месо, сувомеснати производи, сирење, македонски бел ориз, јајца, шпагети, и макарони од мека и дурум пченица. Одлуката за продажба по набавна цена или со ограничена маржа ќе важи до 31 мај годинава.
-На некој начин и може да ги разберам малите продавници кои одбиваат да ги набават основните прехранбени производи без маржа. Тие живеат токму од нивна продажба . На пример, една маалска продавница во Велес стави клуч на врата, со тоа што најави дека ќе продолжи да работи откако ќе престане да важи одлуката за продажба на леб, масло и брашно по набавна цена – вели Смилевски.
Тој вели дека откако Србија ја крена рампата за извоз во Македонија има увезено пченкарно брашно, а за пченичното сега се договора, но цената се уште не му е соопштена.
Масло за јадење се уште нема и во некои поголеми синџири. Деновиве граѓаните реагираа дека се зголеми цената на „Брилијант“ и дека тоа сега се продава по 135 денари. Од „Витаминка“, компанија која е и сопственик на „Брилијант“ изјавија дека изминативе недели ситуацијата се сменила во однос на набавката на суровината.
– Новото сурово масло кое е набавено од Бугарија, Романија и Украина, чини околу 2.200 евра за еден тон, а пред три до два месеца цената се движеше од 1.200 до 1.500 евра за тон. Малопродажната цена на маслото, што е берзански производ, зависи од движењата на цените на светските берзи. Поради увозот од Србија, кризата со маслото за јадење се смирува и нема потреба граѓаните да прават залихи – изјавија од Витаминка.
Уште пред еден месец, претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, изјави дека Србија има доволно брашно, масло и шеќер и дека е време бизнисмените повторно да го отворат прашањето за извозот со Владата, бидејќи нема причини за ограничување да остане.


