Советот на Град Скопје/Фото-Слободен печат/Драган Митрески

ВМРО-ДПМНЕ изгласа 117 „имиња“ во управните и надзорни одбори, советниците не ги добија нивните биографии

Градските советници на денешната седница дискутираа, а потоа разрешија и именуваа в.д. членови на надзорни и управни одбори на јавни претпријатија и јавни установи без да имаат за нив било какви податоци. Станува збор за 117 луѓе, од кои 20-тина веќе биле дел на одборите во минатиот мандат.

Советниците требаше да гласаат само за имиња, затоа што не ги добија нивните биографии за професионалната подготвеност да одговорат на работните задачи за кои се избрани, но тоа не им пречеше на членовите на Советот од ВМРО-ДПМНЕ и од партиите кои се дел од нивната коалиција. Така, уште еднаш се покажа во која насока ќе работи Советот овој мандат и дека секој предлог од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и од Град Скопје беспоговорно ќе биде прифаќан.

Биографиите за избраните оддборници, како што беше посочено биле доставени до надлежните комисии на Град Скопје, а не биле доставени до советниците затоа што содржеле лични податоци. Ова чудно објаснување не беше прифатено од советниците од опозицијата, но со оглед на тоа дека тие немаат мнозинство во Советот ним им остана само да дискутираат и да укажуваат дека нешто не е во ред, но не можат да влијаат на изгласувањето на било кој предлог.

Денес треба да гласаме за 117 членови на управни и надзорни одбори, а ние не знаеме кој се тие, освен нивните имиња. Не бараме матични броеви, не бараме број на кондури, бараме да знаеме што имаат завршено и како можат да придонесат во работата на претпријатијата и установите. Затоа сакаме да знаеме дали се стручни, да видиме за кои луѓе се работи, мора да имаме нивни биографии – истакна координаторката на советничката група на СДСМ, Катерина Цаневска Арсовска.

Таа потсети дека Ѓорѓиевски во предизборната кампања ветувал дека ќе биде транспарентен, но дека ова што сега се случува е нешто сосема спротивно.

Ѓорѓиевски: Нема потреба да ме фалите, но треба да сте коректни и кога негативно коментирате

Советничката од Левица, Дарја Мустафаоглу посочи дека е незаконско именувањето на в.д. членови на одборите, дека во законот е наведено во кои случаи тоа се прави.

Но, за градоначалникот сѐ е според закон.

 Станува збор за лица за кои биле доставени биографии за сите в.д членови на надзорни одбори. Целта на ваквото постапувања, кое е целосно законско, е да не блокираат јавните претпријатија и да бидат коректори на директорите – рече градоначалникот.

Според него, на крајот на денот одговорноста за функционалност и нефункционалност на јавните претпријатија, како што рече има име и презиме, а тоа е Орце Ѓорѓиевски.

 Околу 20 имиња од предложените се повторуваат од претходните состави – дали тие се наградени за добрата работа или за блокирањето на претпријатијата? – праша советникот од ВМРО-НП, Горан Арсов, но неговото прашање остана без одговор.

Советничката од истата партија, Кети Штерјова, која е член на Мандатната комисија, посочи дека на навистина биографиите биле поделени во Комисијата, но дека требало да им бидат доставени на советниците за да видат дека се работи за партиски кадри и дека местата се пополнуваат со луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и од другите коалициони партнери.

Ѓорѓиевски пак тврдеше дека не одлучува партиски, дека сите се луѓе со професионално искуство, за кои верува дека ќе ги решаваат проблемите

Јас никогаш партијата не ја ставам пред интересите на граѓаните – рече градоначалникот од говорницата.

Независната советничка Јана Белчева ги повика градоначалникот и претседателот на Советот, Даме Димитровски да не се повтори ваков начин на дискусија, целосно нетранспарентен и потсети дека по апсењето на раководни лица од „Комунална хигиена“ никогаш не се дознало дали вина за хаосот со ѓубрето што се случуваше во Скопје имале и членовите на Управниот одбор, предводен од членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Дискусијата заврши со послушно дигање рака на сите советници од партиите кои се мнозинство во Советот без оглед на забелешките на опозицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот