„Владата поддржува антиваксер“: Словачката министерка за здравство се повлекува
Словачката министерка за здравство Зузана Долинкова денеска објави дека се повлекува од функцијата поради тоа што владата дала поддршка на за истакнат антиваксер, но и поради здравствената заштита.
Препорачано
Петер Котлар, владиниот претставник задолжен за истражување на управувањето со пандемијата во Словачка и еден од најистакнатите антиваксери во земјата, го претстави својот извештај за пандемијата во четвртокот – кој најмногу се заснова на теории на заговор, пишува „Политико“.
„Жалам што на ниво на владина коалиција има поддршка за идеите на владиниот претставник, кои според мене немаат научна поткрепа“, рече Долинкова на прес-конференцијата и додаде дека официјално ќе поднесе оставка во наредните денови.
Во извештајот на Котлар се тврди дека пандемијата била „чин на биотероризам“ и „лажна операција“.
Набргу по неговиот реизбор минатата година, премиерот Роберт Фицо ја поддржа иницијативата на крајнодесничарската Словачка национална партија (СНС), една од членките на коалицијата, за создавање комисија за истрага на мерките за пандемијата.
„На словачката јавност едноставно и треба одговор за вакцините… зошто луѓето беа вакцинирани со различни експериментални вакцини без никакви тестови, зошто сите видови лекови се вбризгуваа во луѓето… и што всушност се случи за време на Ковид“, изјави тогаш Фицо, кој беше критички настроен кон маските и вакцините и за време на пандемијата.
Котлар, кој потекнува од СНС, беше назначен на функцијата во јануари.
Во својот извештај, тој препорача владата да ја прекине вакцинацијата со мРНА-вакцини и да одбие да го потпише глобалниот договор за пандемијата, како и ажурираните регулативи на Светската здравствена организација.
41-годишната Долинкова, која доаѓа од социјалдемократската партија Глас, е критична и за буџетските кратења кои се дел од новиот владин пакет за намалување на фискалниот дефицит во земјата, што значително ќе влијае во здравството, особено врз платите на здравствените работници.
„Верувам дека овој пакет за консолидација е неприфатлив за словачкото здравство… како министер за здравство, не можам да гарантирам дека здравствениот сектор оди во вистинската насока“, рече таа.


