Виктор Габер / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Виктор Габер бара пратениците да покренат постапка за референдум за уставните измени, за да продолжат преговорите со ЕУ

Македонскиот дипломат од кариера, филателист, публицист и поранешен амбасадор Виктор Габер, поднесе претставка до Собранието во која бара пратениците да распишат референдум за уставни измени со кои би се внеле Бугарите и други малцинства во Уставот, а со цел продолжување на преговорите за влез во Европската Унија.

„Барам, како мои претставници, вие, пратениците на Собранието веднаш, согласно чл. 68 од Уставот и член 20, став 2 од Законот за референдум, да покренете постапка за распишување на Референдум со прашање: Дали сте согласни Република Северна Македонија да ги продолжи преговорите за влез во Европската Унија со измена во амандманот XXXVI на Уставот на вашата држава и по зборовите …’бошњачкиот народ’, да се додадат зборовите ‘на хрватскиот народ, на бугарскиот народ, на еврејскиот народ…’?.  Ова мое барање го засновам на Декларацијата за развој на односите на Република Македонија со Европската Унија од 1998 година и сите последователни документи за пристапување на нашата држава кон Европската Унија усвоени од вас пратениците на Собранието. Оваа држава има континуитет заснован на Референдумот од 8 септември 1991 година и Уставот од 17 ноември 1991 година“, наведува Габер во претставката.

Во сите тие документи, додава тој, се определува стратешката определба на државата за членство во ЕУ и „тие имаат јасна правна и политичка траекторија, заснована на базичните уставни одредби, усвоени во Собранието, во нашата највисока демократски избрана институција која одлучува за мојот развој и безбедност, но и за моето семејство и за нашиот народ, за секој наш граѓанин“.

„Заради обврските кои произлегуваат од наведените собраниски документи, како и заради ветувањата што сте ги дале пред гласачите, а кои произлегуваат и од вашите предизборни програми, сметам дека вие како наши пратеници сте свесни дека имате полна морална, материјална и кривична одговорност да ни обезбедите стабилен развој и безбедност. Распишувањето на референдумот, како највисок израз на волјата на граѓаните на нашата држава и нивната волја ќе ги потврдат вашите определби искажани во горните документи за нашиот иден развој. Доколу на референдумот мнозинството граѓани го заокружат одговорот ‘ЗА’ за вие пратениците во Собранието на Република Севрена Македонија да ја извршите промената искажана во прашањето, нема да има ваша обврска за усвојување на други документи. Но, доколку мнозинството наши граѓани го заокружат одговорот ‘ПРОТИВ’, вие, во нивно име, ќе треба да ги поништите сите досегашни од вас усвоени документи за нашата стратешка ориентација членството во Европската Унија и да усвоите нова стратешка ориентација на државата“, додава Габер во претставката поднесена до Собранието.

ЕУ останува наш приоритет, не бараме привилегии, туку примена на европското право, вели Сиљановска-Давкова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот