Фото: Кабинет на претседател

ЕУ останува наш приоритет, не бараме привилегии, туку примена на европското право, вели Сиљановска-Давкова

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Љубљана беше пречекана од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.

Претседателката од Љубљана порача ЕУ за Македонија останува не само географски, историски и заеднички културен дом, туку и важен приоритет.

„Сакам да укажам на опасноста од билатерализацијата на процесот на проширувањето, особено кога таа е врзана за идентитетски прашања за кои не се преговара. Ние не бараме привилегии, ние само бараме доследна примена на европското право и почитување, се разбира, на историскиот и културниот идентитет на народите и на достоинството и интегритетот на индивидуите“, порача Сиљановска-Давкова.

По средбата со својот домаќин, словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, Сиљановска-Давкова напомена дека ЕУ персонифицира единство на различности и останува инспиративна филозофија.

„Во однос на нашата европска интеграција, повторив дека остануваме посветени. За мене, интеграцијата на Западен Балкан не е само политичко, туку е и безбедносно прашање. Не е доволна реториката за да бидете отпорни на туѓи влијанија, бидејќи сите знаеме дека не постои политички вакуум кој некој нема да се обиде да го пополни или да влијае на него. ​И уште нешто – Балканот отсекогаш бил своевиден лакмус за одмерување на силите на важните актери. Ние имаме 100-процентно усогласена политика на надворешна и безбедносна со ЕУ и ние заслужуваме, низ призма на копенхашките критериуми, да покажеме и да докажеме зрелост и заинтересираност за европскиот пат“, истакна Сиљановска-Давкова, изразувајќи благодарност за поддршката што Македонија ја добива од Словенија на евроинтеграцискиот пат.

ЕУ сака проширување, ама се плаши од последици

Инаку, во склоп на посетата на претседателката на Словенија, освен средба со Пирц Мусар, предвиден е и состанок со претседателот на Државниот збор на Словенија, Зоран Стевановиќ. Исто така, предвидено е да положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни и жртвите поврзани со војните.

Македонската претседателка вчера ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Љубљана и оствари средба со членовите на Сојузот на македонските културни друштва и црковните одбори. Таа се сретна и со македонски иселеници што работат во областа на науката, културата, медицината.

Воедно, вчера попладнето одржа состанок со членовите на Македонско-словенечкиот бизнис-клуб, а вечерта во Крањ го посети Македонското културно друштво.

Утре, пак, Сиљановска-Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана, на тема: „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот