ВИДЕО | Зошто Оскарите го губат сјајот? Дали штедењето на Холивуд го „уби“ интересот на публиката
Најгледаното доделување на Оскарите беше она на кое „Титаник“ освои 11 златни статуетки. Оттогаш интересот со годините опаѓа, а експертите за „Би-Би-Си“ објаснуваат кои се можните причини.
Препорачано
Доделувањето во 1998 година беше врвот на популарноста на Оскарите, 57 милиони луѓе во САД го следеа гламурот во живо на телевизијата „Еј-би-си“ доказ колку голем поп-културен настан беше тоа, церемонијата имаше 4,5 милиони гледачи повеќе отколку што го гледале финалето на хит-хумористичната серија „Пријатели“ во 2004 година.
Во наредните години бројот на гледачи на Оскарите почна да опаѓа. Во 1999 година церемонијата ја гледале 46 милиони луѓе. На почетокот на 2000 година бројките се движеле меѓу 30 и 40 милиони, но потоа нагло паднале: 27 милиони во 2010 година, 24 милиони во 2018, првпат под 20 милиони во 2019 година, а рекордно ниски 10 милиони во 2021 година, кога светот беше погоден од ковид. Минатата година бројката повторно изнесуваше околу 20 милиони.

„Титаник“ во свое време беше најголемиот комерцијален гигант
Филмската новинарка Стефани Банбери изјави за „Би-Би-Си“ дека зад падот на гледаноста стојат неколку фактори: „намалувањето на интересот за кино“, „оддалечувањето од гледање телевизија во точно определено време поради стриминг платформите“.
Сепак, една од причините зошто доделувањето во 1998 година било толку попопуларно од поновите е тоа што „Титаник“ беше извонреден, рекорден хит. Тој беше првиот филм што заработи повеќе од милијарда долари и филм со најголема заработка во историјата сè додека не го надмина уште еден успех на Џејмс Камерон – „Аватар“, во 2009 година.

Тим Роби, автор на книгата „Бокс офис поизон: Холивудската приказна за еден век филмски промашувања“, изјави за „Би-Би-Си“ дека гледачите биле привлечени кон Оскарите во 1998 година затоа што „Титаник“ бил целосна спротивност на неуспех.
„’Титаник‘ имаше огромно влијание затоа што во тоа време беше најголемиот филм што некогаш бил снимен, најголемиот комерцијален гигант што се натпреварувал за Оскар. И беше толку широко обожуван, луѓето се враќаа да го гледаат повторно и повторно, па сакаа да видат како ги освојува тие награди. Постоеше некаква компонента на ’победнички круг‘“, објасни тој.
Во некои аспекти, „Титаник“ беше филм од соништата за Академијата.
„Тоа беше огромен студиски хит што стана глобална сензација“, вели Мајкл Шулман, автор на книгата „Оскар војни: Историја на Холивуд во злато, пот и солзи“, но имаше и престиж на филм за Оскар, плус техничка умешност за да освои повеќето од таканаречените занатски категории“.
Добитниците на Оскар порано истовремено беа и најпрофитабилни филмови
Колку и да беше „Титаник“ исклучок, тој сепак беше дел од поширок образец, многу од добитниците на Оскар за најдобар филм во 20 век истовремено беа и меѓу најпрофитабилните филмови во својата година.
„Од 1927 до 1976 година, околу 90 отсто од Оскарите за најдобар филм биле доделени на филмови што исто така се нашле меѓу десетте со најголема заработка во годината“, напиша филмскиот историчар Џин Дел Векио во „Хафингтон пост“ во 2014 година.
Гласачите на Академијата и публиката подеднакво уживаа во сериозни романтични драми како ’Казабланка‘, авантури како ’Околу светот за 80 дена‘, историски спектакли како ’Бен-Хур‘ и мјузикли како ’Мај фер лејди‘. Нашите колективни вкусови беа исти.
Промената, според Дел Векио, дошла во 1978 година, кога „Војна на ѕвездите“ беше огромен хит на бокс-офисот, додека многу помалиот филм на Вуди Ален „Ени Хол“ триумфираше на Оскарите.
Сепак, и понатаму беше вообичаено победниците за најдобар филм да бидат големи хитови во текот на 80-тите и 90-тите. Во 1990 година „Танц со волци“ на Кевин Костнер заработи речиси 425 милиони долари (што денес би било еквивалент на околу една милијарда долари) ширум светот. Во 1996 година „Форест Гамп“ на Роберт Земекис заработи 678 милиони долари (што денес исто така би било околу една милијарда долари).
Тоа можеби е причината зошто толку многу луѓе ја следеле церемонијата на Оскарите, навистина им било грижа за филмовите што биле номинирани.
Во 90-тите, глобалната заработка на сите добитници на Оскар за најдобар филм заедно изнесувала речиси 5 милијарди долари, додека во 2010-та таа бројка паднала на околу 2 милијарди долари.
Ако се погледне статистиката, вреди да се спомене дека во 90-тите многу од победниците не само што заработувале многу, туку и чинеле многу. Просечниот буџет на добитникот на Оскар за најдобар филм во таа деценија бил околу 50 милиони долари. Во 2010-та просекот паднал на околу 20 милиони долари.
Победниците во категоријата најдобар филм од 2009 до 2012 година „Сламдог милионер“, „Говорот на кралот“ и „Артист“, сите чинеле приближно 15 милиони долари.
Кога во 2010 година Оскарот за најдобар филм го освои „Шкафче на болката“ на Кетрин Бигелоу, со буџет од 15 милиони долари и заработка од 50 милиони долари (што денес би било околу 73 милиони), наместо филмот на нејзиниот поранешен сопруг Џејмс Камерон „Аватар“, со буџет од 237 милиони долари и заработка од речиси 3 милијарди долари (што денес би било околу 4,3 милијарди), пораката беше јасна.
Оскарите повеќе не беа за скапи мејнстрим хитови, а церемонијата повеќе не привлекуваше широка мејнстрим публика.

Минатогодишниот победник „Анора“ имаше буџет од само 6 милиони долари и глобална заработка од 58 милиони долари. Кога буџетите и заработката на победниците за најдобар филм се намалуваат, изгледа дека се намалува и гледаноста на самата церемонија.
Она што се случи од 1998 година наваму е дека холивудските студија почнаа да вложуваат пари во суперхеројски авантури, фантастични епови, адаптации на видеоигри и други блокбастери што ѝ се допаѓаат на публиката, но тоа не се филмови што обично поминуваат добро во сезоната на награди.
Денес е исклучително необично јавноста и Академијата да се согласат околу тоа што се смета за одличен филм.
Возбудата околу Оскарите со години исчезнува
Доделувањето на Оскарите во 2028 година ќе ја напушти телевизијата „Еј-би-си“ и ќе се пресели на Јутјуб, што можеби би можело повторно да ја промени ситуацијата.
98-та манифестација за наградите „Оскар“ ќе се одржи на 15 март 2026 година во Лос Анџелес.


