ВИДЕО: Уште десетмина се вклучени во случајот со силување девојче и детска порнографија

Фото: Принтскрин

Поднесена е кривична пријава против уште десетмина во случајот со девојчето од Велес кое беше силувано и жртва на детска порнографија. Во полициска акција уапсени се деветмина осомничени, а се трага по еден, кој е надвор од државата.

„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Д.П.Т.(23), А.З.(25), Р.А.(27), Т.Л.(26), С.Н.(25), сите од Велес и Р.В.(21) од Скопје за трговија со дете, А.Ф.(22). и Б.Ф.(27) двајцата од Велес за сторено кривично дело сексуална злоупотреба и К.Б.(31) од Велес и Б.П.(31) од Тетово за изготвување детска порнографија“, велат од полицијата.

По преземени понатамошни мерки и активности од страна на НЕСКМТЛ во содејство со надлежното ОЈО за ГОКК, утврдени се и други лица, на кои се однесува денешната кривична пријава, за кои постојат основи на сомнение дека се инволвирани во извршување на кривичните дела. Врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, на подрачјето на Велес, Тетово и Скопје извршени се претреси во дом и други простории кај пријавените лица, при што девет лица се лишени од слобода, а по едно лице, кое се наоѓа надвор од државата, се трага. Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се мобилни телефонски апарати, марихуана, гасен пиштол и други предмети кои се предмет на кривично дело, соопшти МВР.

Од Јавното обвинителство соопштија дека поради страв од опасност од бегство, влијание врз сведоци или уништување на докази, јавниот обвинител до судијата  достави предлог за определување мерка притвор за осум лица, додека за две лица е определена мерка на претпазливост.

Во јануари оваа година, Јавното обвинителство соопшти дека е спроведена истражна постапка за четири лица од Тетово и едно од Велес кои сексуално злоупотребиле малолетничка и изготвувале порнографски материјал.

Првоосомничениот од Велес, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година преку закани над жртвата им овозможувал на останатите да вршат полови дејствија по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.

Во декември 2021 година осомничениот од Велес остварил комуникација со жртвата преку Инстаграм и по неколку дена континуирана комуникација стекнал доверба кај неа, доведувајќи ја во заблуда да започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед, информира Основното јавно обвинителство.

На овој начин, првоосомничениот го принудувал детето – жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите, како што се наведува во соопштението присуствувале осомничени и други машки лица, кои прво консумирале наркотична дрога и алкохолни пијалаци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето – жртва и користеле сексуални услуги иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе.

За кривичните дела Трговија со дете и Полова злоупотреба на немоќно лице предвидени се затворски казни од најмалку 8 години, додека за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија затворска казна од 3 до 5 години.​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот