Бик Милано - Фото: Инстаграм/nssedicola

ВИДЕО | Реставрацијата на мозаикот во Милано предизвика реакции кај Италијанците – бикот остана без тестисите што носат среќа

Италијанската јавност реагираше со неверување и збунетост по реставрацијата на познатиот мозаик со бик во Милано, при што многумина јавно прашуваат што се случило со тестисите на животното, кои инаку важат за „амајлија за среќа“. Поправките на малиот кратер, кој настана како резултат на тоа што туристите со години со петиците го триеја токму тој дел од приватноста на бикот, започнаа минатата недела, пренесува „Би-би-си“.

Локалниот советник во Милано, Марко Гранели, викендов објави дека мозаикот е „целосно реставриран“.

Оваа изјава предизвика вистинска лавина од коментари на социјалните мрежи. Корисниците почнаа да реагираат дека тестисите на бикот се буквално избришани, а некои на шега коментираа дека животното сега изгледа како да е „кастрирано“.

Во своја одбрана, градскиот совет на Милано појасни дека историскиот пасаж „Галерија Виторио Емануеле Втори“ од 19 век всушност сè уште не е целосно завршен.

Беж-синиот мозаик на разигран бик го претставува градот Торино, кој беше првата престолнина на Италија. Мозаикот стана исклучително популарен меѓу туристите поради традицијата според која луѓето треба трипати да се завртат со петицата во правец на стрелките на часовникот токму на тестисите на бикот.

Легендата вели дека оваа практика носи среќа и гарантира повторно враќање во градот, но токму поради тоа на тоа место се појави вдлабнатина. Околу мозаикот беше поставена мала ограда додека занаетчијата Џанлука Гали, рачно ги сечеше новите парчиња камен за реставрацијата.

 

Поради потсмевот што го предизвика на социјалните мрежи, каде корисниците прашуваа „Што се случи со машкоста?“ и „Нешто тука недостига“, градските власти појаснија дека мозаикот сè уште не е целосно завршен.

Тие уверуваат дека нема никакво „исчезнување“ на тестисите на бикот и дека розовиот мермер што се користи за реставрацијата се смета за најблизок материјал до оригиналниот изглед на делото. Исто така, додадоа дека при претходната реставрација во 2017 година бил користен потемен мермер.

Главниот реставратор Гали за италијанскиот весник „Corriere della Sera“ изјави дека работата сè уште не е готова, нагласувајќи дека досега немал никакви поплаки за неговиот труд, кој се одвива под „будното око“ на градскиот совет.

ФОТО | Во Милано ги обновуваат тестисите на бикот од познатиот мозаик — туристите ги истрошиле вртејќи се за среќа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот