Протести во Софија/Фото: EPA/BORISLAV TROSHEV

ВИДЕО | Нови протести против власта во Софија: Бугарите сакаат фер избори и измени во Изборниот законик

Илјадници Бугари протестираа вчеравечер против владата во заминување, барајќи фер избори и реформа на судскиот систем за справување со она што го опишуваат како „ендемска корупција“ во најсиромашната земја членка на Европската Унија, пренесува БНТ.

Демонстрациите во главниот град Софија и други градови во Бугарија се одржуваат во време кога земјата се подготвува да го усвои еврото на 1 јануари.

Владата во заминување, која ја презеде власта во јануари, изготвуваше планови за транзиција кон еврото, но премиерот Росен Жељазков поднесе оставка минатата недела по неколкунеделни протести против корупцијата и буџетски план што вклучуваше зголемување на даноците и придонесите за социјално осигурување.

„Сè во врска со оваа (влада) е дрско. Бесрамно. Арогантното однесување ја карактеризира оваа влада“, рече Шишман Николов (48). „Општеството не ги почитува оние кои се сметаат себеси дека се над останатите“, додаде тој.

„Кога крадете постојано, веројатно мислите дека сте над сите. За луѓе кои се арогантни и немаат срам, не можам да ги почитувам или идентификувам со нив“, вели 21-годишната студентка Калина Јурукова.

Бугарскиот претседател Румен Радев неделава одржува консултации со партиите. Доколку разговорите за формирање влада не успеат, тој ќе назначи привремен премиер и ќе распише избори.

Бугарија одржа избори седум пати во последните четири години; ниедна влада не успеа да го заврши својот мандат.

Протести во Бугарија: „Генерацијата З“ против корупцијата

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот