ВИДЕО | Погледнете ги првите кадри од филмот за Меланија Трамп, за кој „Амазон“ и „МГМ“ платија 40 милиони долари
И официјално е објавен трејлерот за филмот „Меланија“, кој во кината ширум светот треба да пристигне на 30 јануари 2026 година. Станува збор за филм во траење од 104 минути, најавен како „без филтер“, кој нуди увид во периодот непосредно пред претседателската инаугурација на Доналд Трамп.
Препорачано
Според најавите, филмот ќе се прикажува во кината во Северна и Јужна Америка, Азија и Европа, како и во Израел и Обединетите Арапски Емирати. „Амазон“ во наредните месеци треба да лансира и документарна серија поврзана со овој проект.
Меланија Трамп го опишува филмот како приказна сместена во „20 дена“ кои ѝ претходеле на американската претседателска инаугурација. За „Фокс Њуз“ таа изјави дека публиката за првпат ќе добие можност да види „клучен дел“ од нејзиниот пат до улогата на прва дама, прикажувајќи го балансирањето меѓу семејството, деловните обврски и филантропијата.

Што може да се види во трејлерот?
Трејлерот започнува со кадар во кој Меланија влегува во Капитол во пресрет на втората инаугурација на Доналд Трамп, се врти кон камерата во, како што наведуваат, веќе препознатливо инаугурациско издание и изговара: „Here we go again.“
Во кратките исечоци се менуваат сцени од инаугурацијата, моменти „зад кулисите“, подготовките, вклучувајќи појавување на нивниот син Барон Трамп, како и на таткото на Меланија, а во еден момент на екранот се појавува и препознатливиот лав на „МГМ“.
Еден од повпечатливите моменти прикажува Доналд Трамп како вежба говор за состанок, додека Меланија влегува во кадар и ја довршува неговата реченица.
Трејлерот ги прикажува и нејзините модни моменти, како и пораката до гледачите да „сведочат на создавањето на историјата“. Во друг дел се гледа како со персоналот прегледува материјали, како и сцена во која го прашува обезбедувањето „дали е безбедно“, по што следуваат сирени и кадри од колона возила низ градот.
Завршницата вклучува и телефонски разговор со Доналд Трамп, кому му честита со зборовите „господине претседателе“, по што тој ја прашува дали гледала, а таа одговара дека не и дека ќе го „види на вестите“.
„Невиден пристап“ до животот на првата дама
„Фокс њуз Дигитал“ наведува дека Меланија Трамп била вклучена „во секој аспект“ од филмот – од креативната визија и извршната продуцентска улога до маркетингот во постпродукцијата. Извор запознаен со проектот тврди дека филмот нуди „невиден пристап“ до животот на една прва дама токму во тој 20-дневен период.
MELANIA, the film, exclusively in theaters worldwide on January 30th, 2026. pic.twitter.com/n2kloQ4JwW
— MELANIA TRUMP (@MELANIATRUMP) December 17, 2025
„Амазон“ и „МГМ“ наводно платиле 40 милиони долари
Идејата за филмот, според истиот извор, се појавила во ноември 2024 година, откако Доналд Трамп победи на изборите. Преговорите во име на Меланија ги водел нејзиниот агент и советник Марк Бекман, а интерес покажале и „Дизни“. „Нетфликс“ и „Paramount“.
„Амазон“ и „МГМ“, тврди „Фокс Њуз“, ја дале највисоката понуда и ја откупиле лиценцата за 40 милиони долари. Бекман нагласува дека процесот не бил едноставен и дека кружеле неточни информации за тоа колку „Аамазон“ ја „надминал“ конкуренцијата, истакнувајќи дека понудата се однесувала на повеќе содржини и филм и серија.
Снимањето започнало во декември 2024 година. Филмот го извршно продуцираат Меланија Трамп и Фернандо Суличин (New Element Media), а режијата ја потпишува Брет Ратнер (RatPac Entertainment). Според изворите, Меланија не сакала класичен документарец, туку „филмски“ пристап.
Проектот доаѓа една година по објавувањето на нејзините мемоари „Меланија, кои, според „Фокс Њуз“, се најдоа на врвот на листата бестселери на „Њујорк Тајмс“ и понудија досега најинтимен увид во нејзиниот живот, со лични приказни и фотографии.


