Тетратка стара 800 години - Фото: Принтскрин/What They Found Inside a Medieval Toilet Shocked Archaeologists HISTORY KALEIDOSCOPE HISTORY KALEIDOSCOPE

ВИДЕО | Неверојатно откритие — тетратка стара 800 години пронајдена во средновековен тоалет

Мала тетратка изработена од дрво, восок и кожа, заедно со алатка за пишување од слонова коска, била пронајдена во средновековен тоалет. Вредното откритие е пронајдено во Северна Рајна-Вестфалија, Германија.

За време на ископувања поврзани со градежен проект во историскиот дел на градот Падерборн, археолозите откриле пет средновековни тоалети. Тетратката и алатката за пишување биле пронајдени во еден од нив, заедно со други предмети, меѓу кои остатоци од буриња, грнчарија и ткаенини.

Сузане Брецл, конзерватор во Регионалното здружение на Вестфалија-Липе (LWL), објаснува:

„Морав да ја исчистам само надворешноста на книгата, бидејќи внатрешните страници беа толку цврсто врзани што во нив немаше воопшто нечистотија. Дрвото исто така не беше деформирано, па восокот е сè уште недопрен, а самиот текст е лесно читлив.“

Д-р Барбара Ришоф-Парцингер, археолог и раководител на одделот за култура во Регионалното здружение на Вестфалија-Липе , ја истакна важноста и реткоста на ова откритие:

„Ова е единствениот ваков наод во цела Северна Рајна-Вестфалија. Звучи чудно, но за нас археолозите, тоалетите речиси секогаш се вистинска ризница со богатство“.

Средовнековните тоалети всушност одлично ги зачувуваат предметите кои се цврсто затворени во влажна почва без кислород, тие остануваат добро конзервирани со векови. „Сепак“, додава д-р Ришоф-Парцингер, „во ниту еден друг случај не била пронајдена цела книга толку совршено зачувана како археолошки наод, како што е случајот тука“.

Археолозите го датираат предметот во 13 или 14 век и веруваат дека најверојатно му припаѓал на некој трговец кој го користел за запишување на деловните трансакции.

„Трговците биле образовани луѓе, за разлика од повеќето луѓе во тоа време, тие знаеле и да читаат и да пишуваат“, вели археологот д-р Свева.

Текстот е напишан на латински јазик, што исто така укажува на тоа дека сопственикот на книгата имал високо образование и припаѓал на повисока класа.

Тетратката е со многу мали димензии, 10 × 7,5 сантиметри со кожниот повез, што ја правело лесна за носење во џеб. Направена е од 10 дрвени таблички врзани заедно како страници. Секоја страница содржи текст испишан на восок, а страниците се двострани (освен првата и последната).

Конзерваторката Брецл објаснува како се користела:

„Алатката за пишување е зашилена на едниот крај за да се гребат буквите во восокот. Другиот крај на пак бил рамен, во форма на шпатула. Тоа овозможувало восокот да се измазни и напишаното да се избрише, со што табличката станувала повторно употреблива. Во оваа тетратка, експертите сè уште можат да ги видат трагите од претходно избришаните текстови кои останале читливи“.

Иако карактеристиките на ракописот помогнале да се утврди староста на околу 700 до 800 години, латинскиот текст е многу тежок за дешифрирање. Експертите велат дека транскрипцијата ќе одземе време, бидејќи некои зборови можеби се погрешно напишани од самиот сопственик.

Кожниот повез во кој е пронајдена книгата е целосно недопрен. На кожата се врежани мотиви на „fleur-de-lis“ (стилизирани кринови/љиљани), кои во средниот век симболизирале чистота, кралско потекло и божественост.

Ваквиот начин на изработка на тетратки бил вообичаен од времето на Античка Грција па сè до Ренесансата, кога хартијата станала подостапна и поевтина за производство. Останува прашањето како оваа тетратка завршила во тоалетот, но експертите претпоставуваат дека сопственикот едноставно ја изгубил.

Истражувачите сега прават детални анализи на точниот состав на восокот, смолата и дрвото за да утврдат како најдобро да ја заштитат. Процесот на конзервација и реставрација би можел да трае околу една година, по што книгата ќе биде изложена во музејот во Царската палата во Падерборн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот