ВИДЕО | Мерцедес Бенц од 1982 година никогаш не бил регистриран: Сопственикот го чувал нов во гаража
Господин Хоф од Обединетото Кралство во 1982 година купил нов Мерцедес 500 SL (тип R107). Без да штеди при конфигурацијата на својот германски кабриолет, го опремил со сите опции достапни во каталогот, вклучувајќи и тврд покрив кој совршено се вклопува со сино-зелената боја на каросеријата, пренесува „Н1“.
Препорачано
Сега решил да го продаде. Тој е прв сопственик, а автомобилот е грижливо сочуван и откако го напуштил салонот – никогаш не бил возен.
Господин Хоф го однел возилото дома, во околината на Бирмингем. Потоа го паркирал во гаража со контролирана температура и влажност. Автомобилот речиси и да не се поместил повеќе од четири децении. Никогаш не бил регистриран, а денес бројачот покажува само 42 милји, односно 68 километри.
Во август минатата година, при продажбата на својот автомобил, Хоф се обратил до британскиот претставник на компанијата „The SLS Shop“, специјализирана за реставрација на моделите SL.
Нивниот преглед открил беспрекорна состојба на автомобилот. Сончевата светлина никогаш не ја изменила бојата на каросеријата, а ни кожените седишта не покажуваат знаци на оштетување.
V8 моторот од 5,0 литри со 231 коњска сила е целосно нов, како и издувниот систем кој сè уште го има фабричкиот заштитен слој и го задржал првобитниот сјај. Дрвениот фурнир во внатрешноста исто така свети како првиот ден.
Мерцедес 500 SL толку ги воодушевил своите нови сопственици што решиле да не го продаваат, и покрај неговата шестцифрена вредност. Тие ќе го задржат и ќе го изложат во своите простории во Стратфорд на Ејвон.


