ВИДЕО | Листа на најпопуларните божиќни филмови на сите времиња: „Сам дома“ не се симнува од тронот

Фото: 20TH CENTURY FOX - Album / Album / Profimedia// Universal / Everett / Profimedia

Божиќ е веднаш зад аголот, а тоа значи дека е време удобно да се сместите во топла празнична атмосфера и да се потсетите на некои од најдобрите празнични филмски класици. За да ви помогне да изберете совршен филм кој ќе ве внесе во празничниот дух, „ИМДб“ (IMDb) објави листа на најпопуларни божиќни филмови, пренесува „Дејли меил“.

10. „Полар експрес“ (The Polar Express) – 2004

На Бадник, момче на работ на пубертетот почнува да се сомнева во постоењето на Дедо Мраз. Иако неговиот татко, мајка и помладата сестра го уверуваат дека Дедо Мраз навистина постои, момчето заклучува дека не е возможно да се стават подароци за сите деца на светот во една торба и дека не е изводливо да се обиколи целиот свет за само една ноќ.

Додека надвор паѓа снег, точно пет минути пред полноќ, старомоден воз застанува пред неговата куќа, а симпатичниот кондуктер го кани момчето да тргне на пат со другите деца до Северниот Пол, каде што, ако навистина верува, ќе го запознае вистинскиот Дедо Мраз.

Оваа анимирана семејна авантуристичка фантазија е трет заеднички проект на познатите оскаровци Том Хенкс и режисерот Роберт Земекис, а беше номиниран за три Оскари.

9. „Сам дома 2: Изгубен во Њујорк“ (Home Alone 2: Lost in New York)- 1992

Една година по настаните од првиот филм, семејството Мекалистер повторно се подготвува за божиќно патување, овој пат во Мајами. Но, на Кевин тоа не му се допаѓа, поради тропската клима и недостатокот на новогодишна елка. Семејството повторно заспива, но овој пат не го забораваат Кевин. Сепак, Кевин застанува за момент на аеродромот и се качува во погрешен авион, следејќи човек кој многу личи на неговиот татко.

Првиот дел од овој блокбастер заработи неверојатни 285 милиони долари и му ја осигура славата на талентираниот Меколи Калкин.

8. „Умри машки“ (Die Hard) – 1988

Њујоршки полицаец се обидува да ја спаси својата отуѓена сопруга и неколку други кои биле земени како заложници од терористите за време на божиќната забава на Накатоми Плаза во Лос Анџелес. Главната улога ја толкува Брус Вилис, а филмот постигна голем комерцијален успех.

7. „Дедо Мраз“ (The Santa Clause) – 1994

Со помош на својот син, Скот (Тим Ален) го заменува Дедо Мраз кој падна од покривот и се повреди. Скот го облекува оделото и ја продолжува својата мисија. Наскоро дознава дека неговата улога како нов Дедо Мраз не е привремена.

6. „Гринч“ (The Grinch) – 2018

Заплетот на овој филм следи една злобна личност која се обидува да го уништи Божиќ во весел град. Но, на патот, едно дарежливо мало девојче почнува да му го топи срцето. Станува збор за анимирана адаптација на познатата книга за деца „How the Grinch Stole Christmas“, чиј автор е Д-р Сеус.

Филмот заработи 526,7 милиони долари за време на неговото прикажување во кината, што го прави најуспешната адаптација на дело на Сеус.

5. „Како Гринч го украде Божиќ“ (How the Grinch Stole Christmas) – 2000

Жителите на градот Ху го отфрлиле Гринч кога бил дете поради неговата грдотија и злоба. После тоа, тој се повлекол во пештера надвор од градот и ги мразел луѓето, што е особено видливо за време на празниците, кога сите се среќни, опуштени и слават. Се разбира, ниту жителите на гратчето Ху не се рамнодушни кон него и не го сметаат за добредојден. Еден ден, работите се менуваат откако Гринч ќе запознае девојка со љубезно срце, Синди Лу, чиј живот случајно го спасува. Таа решава да го покани во градот на Бадник, иако знае дека не му припаѓа на нејзиниот народ.

Овој филм е во Гинисовата книга на рекорди како божиќен филм со најголема заработка на сите времиња. Него го режираше режисерот Рон Хауард, а главната улога, злобниот Гринч, ја толкува познатиот комичар Џим Кери.

4. „Елф“ (Elf) – 2003

Израснат како возрасен елф, Бади патува од Северниот Пол во Њујорк за да го запознае својот биолошки татко Волтер Хобс, кој не знае дека постои и има очајна потреба од божиќен дух.

Божиќната комедија ја режираше Џон Фавро, а сценариото го напиша Дејвид Беренбаум. Вил Ферел го глуми Бади, човек одгледан од џуџињата на Дедо Мраз.

3. „Божиќен одмор“ (Christmas Vacation) – 1989

Во филмот, плановите на семејството Гризволд за големо семејство на Божиќ очекувано се претвораат во голема катастрофа. Оваа божиќна комедија ја режираше Џеремаја С. Чечик, а главните улоги ги толкуваат Чеви Чејс, Беверли Д’Анџело, Ренди Квејд, Џони Галецки и Џулиет Луис.

2. „Всушност љубов“ (Love Actually) – 2003

Во овој филм има испреплетено неколку различни приказни кои се случуваат за време на божиќните празници. Има одбран актерски ансамбл составен од најдобрите, главно британски актери, меѓу кои и докажани ѕвезди на романтичните комедии како Хју Грант, Ема Томпсон, Лијам Нисон, Кира Најтли и други.

1. „Сам дома“ (Home Alone) – 1990

Сите го знаат заплетот на овој филм: осумгодишниот Кевин по грешка е оставен сам дома и мора да го брани својот дом од провалници на Бадник. Главните улоги ги толкуваат Меколи Калкин, Џо Пеши и Даниел Стерн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот