ВИДЕО | „Грешници“ е првиот филм во историјата со 16 номинации за Оскар: Приказна која ги воодушеви публиката и критичарите
Филмот „Грешници“ (Sinners) испиша историја, добивајќи дури 16 номинации за Оскар што е најмногу досега, оваа хорор-драма успеа да ги воодушеви и публиката и критичарите. Дел од медиумите веќе го нарекуваат и културолошки најважниот филм на годината, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
„Sinners“ е филм од 2025 година, зад кој стои реномираниот режисер Рајан Куглер, познат по хитовите „Black Panther“ и „Creed“. Дејството е сместено во 1930-тите години во Мисисипи, каде што браќа близнаци, кои ги толкува Мајкл Б. Џордан, по години поминати во Чикаго се обидуваат да започнат нов живот.
Тие отвораат место каде што се слави блузот и се негува заедницата, но нивните планови брзо се соочуваат со суровиот расизам на тоа време, како и со натприродни закани.
Преку сплет на настани во кои има од насилство, мистика и вампири, филмот претставува необична мешавина од хорор, драма и музички елементи, во која се испреплетуваат традицијата на афроамериканската музика, борбата за автономија и културниот идентитет, со брутални фантастични мотиви.
Критичарите во најголем дел се воодушевени од оваа смела и хибридна приказна. На платформите за филмски рецензии, „Sinners“ има исклучително високи оценки, при што особено се истакнуваат визијата на режисерот, визуелната изведба и улогата на музиката како клучен наративен елемент.
Филмот го сруши рекордот со 16 номинации за Оскар, а многумина го фалат Куглер за проширувањето на хорор-жанрот надвор од очекуваните рамки, оценувајќи го „Sinners“ како еден од неговите најмоќни и најамбициозни проекти досега.
Весникот „Гардијан“ дури го прогласи за културолошки најважен филм во 2025 година.
„Ѓаволски забавниот ’Sinners‘ е уште еден доказ зошто Рајан Куглер е на врвот на својата генерација. Мајкл Б. Џордан уште еднаш покажува зошто е вистинска филмска ѕвезда, а фактот што игра сам против себе е одлично изведен и актерски и технички“, пишува „Дедлајн“.
Сепак, дел од рецензентите сметаат дека филмот на моменти е премногу разновиден и развиен, со побавен ритам пред хоророт целосно да дојде до израз, додека други ја оценуваат мешавината на жанрови како преамбициозна или нерамномерна.
Публиката, генерално, добро го прифати филмот, што го потврдуваат високите оценки и ретката „А“ оценка на CinemaScore за хорор-наслов. Сепак, мислењата се поделени, од оние што го сметаат за ремек-дело, до гледачи на кои темпото и крајот не им биле целосно убедливи.


