ВИДЕО+ФОТО: Опустошена и ограбена е куќата на Есма која таа и ја остави во наследство на државата

Куќата на Есма и Стево Теодосиевски, која по нивната смрт требаше да биде музеј на хуманоста и музиката, сега е ограбена и опустошена. Извадени се дури и санитариите, чешмите, однесена е и оградата, а дипломите и признанијата на Есма и Стево се фрлени во контејнер. Клучот од куќата го имаат внуците на Есма, кои го оспоруваат тестаментот на кралицата на ромската музика.

Куќата на Есма е празна, недостасуваат вредни работи од околу 300.000 евра / ФОТО: Приватна архива

И покрај валидниот тестамент на Есма не можеме да ја реализираме желбата на Есма и Стево Теодосиевски, куќата во која тие живеја, по нивната смрт да биде музеј на музиката и хуманоста. Ова денеска во Утрински брифинг го истакна претседателката на хуманитарното здружение кралицата Есма и Стево Теодосиевски, Зорана Костовка.

– Во тестаментот пишува дека куќата е сопственост на државата Македонија, на Министерството за култура, со нагласок да биде дом на хуманоста и дом на музиката. Оваа куќа е и така изградена. Ова е подарок од 726 квадрати кој Македонија го добила од Стево и Есма, со замислени поставки каде што ќе се види нивниот труд и работа.Тоа беше дамнешна желба за која со години говореа во сите медиуми, и Стево и Есма. Сега проблем прават внуците на Есма, кои сметаат дека куќата им припаѓа ним, и покрај тоа што не се споменати во тестаментот. Ние четири години одиме по судови, влезени сме во лавиринтите на правниот систем, а од Министерството за култура не се заинтересирани за нивниот имот, објаснува Костовска.

Симеон Атанасов, еден од нејзините посвоени деца кој е композитор на многу нејзини хитови, и наследник на авторските права на сите нејзии песни, информира дека кога во 1992 година српските власти им понудиле на Стево и Есма да им изградат музеј во Србија, тие не прифатиле, бидејќи биле големи патриоти и се вратиле во Македонија, каде што на тврдината Кале ја изградиле куќата во која живееја до крајот на нивните животи.

ФОТО: Приватна архива

-Поминаа четири години од смртта на Есма, а се уште ништо не е решено. Добивме одговор од Роберт Алаѓозовски и од министерката за култура Ирена Стефоска дека ќе се заложат желбата на Есма, која што е и валидна, на тестамент, да се исполни. Така ќе можат сите, од цел свет да доаѓаат и ја видат работата на Есма. Жал ми е што морам да кажам дека не знаеме каде се предметите на Есма кои сведочат за нејината богата кариера. Недостасуваат аудио и видео материјали, над 200 фустани, златни и сребрени плочи, пехари кои се надевам дека ќе се вратат, бидејќи кажано ни е дека ги земале внуците од братот на Есма, вели Атанасов.

ФОТО: Приватна архива

Слободен печат стапи во контакт и со министерката за култура Ирена Стефоска, која кратко ни одговори дека Министерството ништо не може да направи додека не се заврши судскиот спор кој се води за куќата.

-Запознаена сум со ситуацијата, пред неколку дена имав средба со претставниците од хуманитарната организација на Есма, но за куќата се води судски спор, и додека не се заврши ние ништо не можеме да направиме, рече Стефоска.

Прашана дали Министерството досега било повикано на некое од рочиштата, министерката ни одговори дека се тече според процедурите и правилата.

ФОТО: Приватна архива

Според проценката на претседателката на Хуманитарното здружение на Есма и Стево Теодосиевски, станува збор за предмети во вредност од околу 300.000 евра.

Проследете го целиот разговор во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот