Фото: pexels-liuguangxi

Вештачката интелигенција почна да измислува дестинации: Внимавајте да не завршите во „дигитална фатаморгана“

Од измислени топли извори до непостоечки „свети“ локации, сè повеќе патници кои се потпираат на вештачка интелигенција при планирање на патувања се соочуваат со непријатно изненадување на самото место – таму нема ништо. За влијанието на ВИ врз туризмот се зборува со години, но малкумина очекуваа последиците да бидат толку конкретни и збунувачки.

Еден ваков случај неодамна ја вознемири јавноста во Австралија, кога туристички оператор се најде на мета на критики поради текст генериран со помош на ВИ, кој ги навел туристите да отпатуваат до оддалечена локација на Тасманија во потрага по термални извори што – никогаш не постоеле. На веб-страницата „Тасманиа Турс“ (Tasmania Tours) бил објавен текст (во меѓувреме отстранет) во кој се препорачувало наводно „мирно засолниште“ под името „Weldborough Hot Springs“, пренесува „ТУ Магазин“.

Оваа измислена локација дури се појавила и на листа „седум најдобри искуства со топли извори на Тасманија за 2026 година“, објави австралискиот јавен сервис „Еј-би-си“ (ABC), повикувајќи се на „Еуроњуз“ (Euronews). Но проблемот бил едноставен – Weldborough никогаш немал топли извори. Туристите кои пристигнале полни со очекувања биле дочекани од ладната реалност, буквално: единствената можност за „капење“ била ледената река Вилд (Weld).

Како патниците завршиле на погрешно место?

Спорниот текст бил објавен во јули минатата година, по што оваа зафрлена област – поранешно рударско село на североистокот од Тасманија, околу 45 километри од рибарското место Сент Хеленс – почнала да прима невообичаено голем број збунети посетители.

Во истиот напис, непостоечките „Weldborough Hot Springs“ биле ставени рамо до рамо со реални туристички атракции, како „Hastings Caves and Thermal Springs“ на југот од островот. Забележани биле и други нелогичности – меѓу „топлите“ дестинации се нашло и местото Liawenee, познато како најстудено населено место во Австралија, каде се измерени температури и до –14,2 степени Целзиусови.

Зошто туристичките компании сè почесто користат ВИ?

Според достапните информации, Tasmania Tours објавила голем број текстови и блогови за атракции што „мора да се посетат“, со содржина и илустрации кои оставаат впечаток дека се целосно генерирани со вештачка интелигенција. За многумина во туристичката индустрија, ова не е изненадување.

Од Гугл до Експедиа, големите компании отворено ја промовираат ВИ како иднина на планирањето патувања. За помалите, таканаречени бутиk-оператори, притисокот да го следат тој тренд е сè поголем. Логиката е едноставна – малите компании мора да се натпреваруваат со големите играчи, што подразбира постојана продукција на нова и „свежа“ содржина.

Маркетингот сè повеќе се потпира на Ви алатки, а иако поголемиот дел од текстовите формално се проверуваат пред објавување, во услови на хиперпродукција лесно може да се провлече грешка и да заврши во јавноста. А интернетот, како што е познато, не простува и не заборава.

Не е првпат ВИ да ги доведе туристите во заблуда

Ова не е изолиран случај. „Би-би-си“ (BBC) уште минатата година известуваше за сè почести примери на патници кои се потпирале на информации генерирани од ВИ и поради тоа завршиле на погрешно место. Во еден случај, двајца туристи во Перу тргнале во потрага по наводниот „Свет канјон Хумантеј“ во Андите, сè додека локален водич не ги запрел. Според неговите зборови, тие платиле околу 140 евра за да стигнат до оддалечен селски пат – без водич и без вистинска дестинација.

Во друг пример, пар користел ЧетЏипити за планирање романтична прошетка до зајдисонце на една јапонска планина. Дури кога стигнале на врвот сфатиле дека ВИ им дал погрешни информации за работното време на жичарницата и дека немаат начин да се вратат – останале заглавени во темнина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот