Вардар 1961 со убедлива победа на турнирот во Струга
„Црвено-црните“ успешно го започнаа 49 издание на традиционалниот турнир во Струга. Попладнево Вардар 1961 предводен од тренерот Веселин Вујовиќ лесно и рутински стигнаа до убедлива победа над домаќинот Струга со резултат 39:26.
Препорачано
Стружани одржуваа резултатска неизвесност во првите минути од натпреварот кога се играше гол за гол.
Потоа следуваше квалитетот на Вардар кој започна серија на погодоци по која се одвои на предност од четири голови разлика.
До крајот на првите 30 минути, скопската екипа која е една од главните фаворити за трофејот годинава на турнирот само ја зголемуваше предноста за на пауза да замине со 21:14.
На овој меч во однос на вчерашниот настап во Супер Купот против Е. Пелистер, за Вардар 1961 беа и новите засилувања на теренот како Кудуз, Чувара, Тото, Диало и голманот Сафар.
Овој пат тимот на Вујовиќ делуваше моќно и на крајот ја оправда фаворитската улога во својот прв натпревар во Струга.
Новото засилување на левата крилна позиција, Јан Чувара, беше најефикасен со седум голови, додека Џереми Тото постигна еден помалку.


