Вакцината за ковид-19 ќе си ја платиме сами од буџетот, први ќе се „боцнат“ лекарите

Profimedia
Laboratory technicians handle capped vials as part of filling and packaging tests for the large-scale production and supply of the University of Oxford’s COVID-19 vaccine candidate, AZD1222, conducted on a high-performance aseptic vial filling line on September 11, 2020 at the Italian biologics’ manufacturing facility of multinational corporation Catalent in Anagni, southeast of Rome, during the COVID-19 infection, caused by the novel coronavirus. Catalent Biologics’ manufacturing facility in Anagni, Italy will serve as the launch facility for the large-scale production and supply of the University of Oxford’s Covid-19 vaccine candidate, AZD1222, providing large-scale vial filling and packaging to British-Swedish multinational pharmaceutical and biopharmaceutical company AstraZeneca.,Image: 557506997, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: Vincenzo PINTO / AFP / Profimedia

Македонија е меѓу осумдесетте земји кои покажале интерес самите да си ја финансираат набавката на вакцини против Ковид 19 преку Глобалниот сојуз за вакцини. Владата веќе побара Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и потпиша договор за да се потпише аванс и да се обезбеди финансиска гаранција.

Глобалниот сојуз за вакцини најавува дека кога ќе дојде моментот и кога вакцините ќе бидат произведени, распределбата ќе биде најбрза што е видена во досегашната историја. Први ќе ја примат здравствените работници, луѓето над 65 години а понатаму, кога ќе бидат достапни се поголем број дози, и луѓето помлади од 65 години со хронични болести.

,,Според препораката на Комитетот за имунизација планирано е да набавиме 20 проценти или 800.000 дози за коишто веќе аплициравме. Првата вакцина којашто ќе биде одобрена на пазарот, ќе биде еднакво дистрибуирана помеѓу сите земји членки коишто аплицирале преку Ковакс механизмот. Во истиот момент кога ќе ја добијат вакцината најразвиените земји, ќе ја добиеме и ние, а сеуште не се знае дали тоа ќе биде на крајот на оваа година или на почетокот на другата”, велат за ,,Слободен печат” од Министерството за здравство.

Се работи за набавка на вакцина за 20% од населението, според препораката на комитетот за имунизација, по две дози. Тоа се 800.000 дози за кои веќе аплициравме и нашите количини се одобрени.

Понатаму, во текот на 2021 година, дистрибуцијата на вакцините ќе продолжи додека секоја земја во светот не постигне 20 проценти од нејзиното население да е вакцинирано. Планот е побогатите држави, први да ги нарачаат дозите за заштита на нивното население. Авансите што овие држави ќе ги уплатат, ќе се користат за уште позасилено производство.

Вакцините кои се безбедни, ќе бидат дистрибуирани до сите земји во светот, без разлика на тоа дали се работи за сиромашни или за богати економии. Дури еден милион од дозите ќе бидат дистрибуирани до луѓето во 92 најсиромашни економии.

Помош за нашата земја во справувањето со пандемијата која се разгорува пристигна и од Европската Унија. Европската Комисија потпиша рамковен договор со фармацевтската компанија ,,Гилеад” за да се набават половина милион дози од „Веклури“, што е бренд на лекот ремдесивир, со можност дополнително да се зголемат количините. Со овој лек се третираат пациенти со Ковид 19 кои се на кислородна поддршка, а постапката за директна нарачка на овој лек Македонија ќе ја започне веднаш.

Со оваа набавка Европската Комисија се труди на земјите од Европа да им обезбеди дополнителен пристап до заштитна опрема, респиратори, тестови за детекција на Ковид 19 и друга неопходна медицинска опрема. Уште од почетокот на пандемијата, нашата земја е дел од клиничката студија за испитување на ефектите од употребуваните терапии кај заболените од коронавирус, што значи дека лекот Ремдесивир веќе го имаме во болниците, а ни го доделува Светската здравствена организација. Меѓутоа, преку Европската Комисија сега ќе се донесат нови количини. Домашните стручни лица од областа на медицината предупредуваат дека ремдесивирот е опасен, токсичен и има несакани дејства.

– Веста дека овој лек го лечи вирусот ковид-19 брзо се прошири, но нагласувам дека станува збор за лек кој се употребува исклучително за тешки случаи и истиот е токсичен и предизвикува докажани несакани дејства. Нема докази дека ја намалува смртноста, но сепак го скратува лекувањето, вели доктор Никола Пановски за „Слободен печат“.

Пановски: Ремдесивирот е опасен и токсичен

Во земјава има речиси четири илјади активни случаи со позитивен ПЦР тест на коронавирусот, а половината од нив се во Скопје. Со оглед на тоа што есенскиот бран удри со засилено темпо, Комисијата за заразни болести препорача да се воведат дополнителни мерки за заштита на граѓаните. Меѓутоа, владата на последната одржана седница не ги усвои овие мерки, зашто за да се направи тоа, мора да се промени Законот за заштита на населението од заразни болести.

Задолжително носење маска на отворено, забрана за групирање во домовите на семејни прослави и на повеќе од четворица на јавен простор по 22 часот ќе се воведат како мерки, но само откако ќе се промени Законот со што ќе се обезбеди можност за нивна имплементација со подзаконски владини акти.

Комисијата за заразни болести минатата недела предложи воведување мерки задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, во јавни објекти, на работни места и во јавен и приватен транспорт, потоа за забрана за групирање во домови на семејни прослави при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште да може да се примат најмногу четири луѓе, како и да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот, односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или каде било на отворено.

Активни се текстилни кластери во Штип, а откако се отворија училиштата и градинките има 42 заболени ученици и 65 заболени наставници во земјава. Во болниците хоспитализирани се 432 лица кои или го имаат вирусот, или се сомнителни на Ковид 19.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје капацитетот е речиси исполнет и извесно е дека ќе почне да се сместуваат пациентите во монтажната болница во непосредна близина. Директорката на оваа клиника, доктор Милена Стевановиќ, анализирајќи ја смртноста на пациентите истакна дека од 100 лица, 23 завршуваат со смртен исход.

Причините се многубројни, но како една од нив, Стевановиќ истакна дека пациентите доцна се пријавуваат на лекување, после седум па дури и десет дена од настапувањето на болеста, кога симптомите се многу развиени и рацете на лекарите „заврзани“ да помогнат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот