Ова е списокот на забранети личности на Мет Гала — претседателот на САД на врвот на „црната листа“
Денес, првиот понеделник во мај, очите на светската јавност се вперени кон Њујорк, каде што ќе се одржи најголемиот моден настан — Мет Гала 2026. Додека ѕвездите се подготвуваат да продефилираат во своите екстравагантни креации, во јавноста протекоа информации за „црната листа“ на оние на кои им е забранет влезот или кои сами одлучиле да го бојкотираат настанот, пишува „Пипл“.
Препорачано
Овој престижен спектакл е под будното око на Ана Винтур, која со децении го има последниот збор за тоа кој смее да зачекори на црвениот тепих.
Овогодишната изложба е насловена „Костимографска уметност“ и претставува модни парчиња што водат визуелен дијалог со историски ремек-дела стари и до 5.000 години, дел од богатата збирка на музејот „Мет“. Но, покрај уметноста, настанот и годинава е проследен со контроверзии, меѓу нив и тврдењето дека претседателот на САД е прв на листата на непосакувани гости.
Доналд Трамп
Тој е единствената личност за која Ана Винтур јавно потврди дека никогаш повеќе нема да добие покана. Иако беше редовен гостин. Неговото последно појавување беше во 2012 година.

Џек Шлосберг
Внукот на Џон Ф. Кенеди во 2025 година започна бојкот на настанот преку социјалните мрежи. Тој изјави дека иако претходно убаво си поминувал, не планира повторно да присуствува сè додека светот е во хаос, нагласувајќи дека не е време за такви забави.
Деми Ловато
Пејачката откри дека нејзиното искуство во 2016 година било толку лошо што поради непријатната атмосфера и „клановското“ однесување на присутните, почувствувала потреба да посегне по алкохол. Таа веднаш по настанот заминала на состанок на анонимни алкохоличари. Сепак во 2024 година таа повторно се појави на настанот.

Тим Ган
Поранешниот водител на „Project Runway“ ја изгуби својата покана откако во јавно споделил анегдота за тоа како телохранителите ја носеле Ана Винтур по скали по една модна ревија.
Ејми Шумер
Комичарката го критикуваше настанот како „фарса“ каде луѓето се преправаат дека водат значајни разговори. Иако изјави дека нема интерес за мода, таа сепак се појави на настанот уште неколку пати по нејзините првични критики.
Зејн Малик
Поранешниот член на „Уан Дајрекшн“ изјави дека претпочита да биде дома и да прави нешто продуктивно наместо да се фотографира во скапа облека на црвениот тепих, што го опиша како саможиво однесување.

Лили Рајнхарт
Актерката изрази сомнеж дека некогаш ќе биде повторно поканета откако јавно ја критикуваше Ким Кардашијан за нездравите методи на слабеење со цел да влезе во фустанот на Мерилин Монро во 2022 година.
Тина Феј
Комичарката го нарече настанот „парада на кретени“ и изјави дека по нејзиното прво појавување во 2010 година, повеќе нема намера да биде дел од овој настан.


