УСАИД била политичка организација, вели Илон Маск: Никој не умре од што ѝ ги скративме парите
„Никој во Африка не умре поради тоа што администрацијата на Трамп го укина финансирањето на сомнителни невладини организации преку УСАИД“, тврди милијардерот Илон Маск, кој во новиот мандат на американскиот претседател го предводеше новиот Оддел за владина ефикасност.
Препорачано
Намерата со Одделот беше токму да ги укине или намали програмите на УСАИД во Африка, Источна Европа и Западен Балкан, кои функционираа со децении.
Маск во последното интервју дадено за „Економист“, на провокациите на уредничката Зани Минтон Бедоус дали чувствува вина бидејќи некое дете во Африка починало поради ненадејното кратење на парите, самоуверено одговори: „Нула! Нула луѓе починаа поради ДОЏ“.
На коментарот на Бедоус дека „ако финансирањето за антиретровирусни лекови се прекине преку ноќ и едноставно запре, тогаш луѓето ќе починат кога нема да имаат пристап до нив…“ и дека „Во многу од овие земји, УСАИД (USAID) беше најголемиот финансисер“, Маск одговара:
„Не, само ако не можат да добијат финансирање за тоа. Но, Фондацијата Гејтс има 50 милијарди долари. Што е со нив? Што е со која било од бројните организации? Што е со Мекензи, како и да ѝ е презимето сега, порано Безос, која даде 50 милијарди долари. Што е со тоа? УСАИД беше политичка организација. Исто така, финансирањето на УСАИД не беше запрено. Беше префрлено во Стејт департментот… кога ќе се запре финансирањето за измамнички организации или за нешто слично, дали мислите дека тие ќе кажат: „Па, ве молиме продолжете да ја финансирате измамата“, или мислите дека ќе излезат со тажна приказна која звучи сочувствително за да им се врати финансирањето? Очигледно, ќе биде второто. И токму тоа го направија. Нула луѓе умреа. Нула запирка нула!“


