Украинскиот авион што падна во Грција се изгубил од радарот пет минути откако побарал помош

Товарен авион Антонов управуван од украинска авиокомпанија се урна синоќа во близина на градот Кавала во северна Грција / 17 јули 2022 / Фото: EPA-EFE/ACHILLEAS CHIRAS

Пет минути откако ги информирал контролорите на летање дека има проблем со еден од четирите мотори и две минути по разговорот со контролната кула во Кавала и барањето за принудно слетување, украинскиот авион Антонов-12 се загубил од радарите, според податоците објавени од Службата за цивилно воздухопловство на Грција (ИПА).

Во деталното соопштение од ИПА информираат дека авионот полетал од Ниш со осумчлен екипаж и 11,5 тони опасен материјал (dangerous goods), а според планот на летање доставен од надлежните српски органи, авионот ќе летал за Бангладеш (Дака) со попатни станици во Јордан, Саудиска Арабија и Индија.

Во грчкиот воздушен простор влегол во 22.09 часот по локално време, а во 22.37 го известил Контролниот центар на регионот Атина – Македониа (КЕПАТМ) дека поради проблем (operation reasons) нема да продолжи до крајната дестинација и дека ќе се врати на аеродромот од каде што полетал.

„Во 22.42 часот летајќи источно од Халкидики ги извести контролорите на летање на приодот кон Солун дека има проблем со моторот број четири наведувајќи: „may day пожар во мотор четири”. Службата за цивилно воздухопловство веднаш прогласи вонредна состојба со активирање на соодветните предвидени процедури. Во 22:45 часот, авионот имаше разговор со контролната кула во Кавала и информираше дека се упатува за принудно слетување. Веднаш беше дадена дозвола за слетување на аеродромот во Хрисуполи во Кавала. Во 22.47 часот авионот се изгуби од радарите на воздушниот сообраќај“, соопштија од Службата за цивилно воздухопловство на Грција.

Веднаш потоа бил известен Националниот координативен центар за потрага и спасување за вонредната состојба, а потоа за губењето на комуникацијата, по што започнал процесот на лоцирање, пребарување и спасување.

Паралелно биле мобилизирани и сите надлежни органи, противпожарната служба, полицијата, цивилната заштита, Министерство за одбрана и локалните власти.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот