Доналд Трамп и Си Џинпинг/ Фото: EPA/Maxim Shemetov / POOL

Трамп не остана гладен, но Си се насити

Претседателот Доналд Трамп замина од Кина без голема трговска победа, но сепак не остана со празни раце. Тој има материјал за домашна политичка употреба – може да каже дека ја смирил Кина, дека донел економски можности за американските фармери и компании, а и дека Ормускиот Теснец бил ставен на маса.

Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Кина, Си Џинпинг, не донесе голем пробив, но донесе нешто што во овој момент им требаше и на Вашингтон и на Пекинг – привремено спуштање на топката. Ако мора да се пресуди, иако ова е добар исход и за двете држави, Кина веројатно води за поен.

Трамп ја претставува посетата како успех. Тој зборува за „фантастични трговски договори“, за решени проблеми, а и за добра лична хемија со Си, како што зборува во негов стил. Но, зад таа реторика се крие малку поскромен резултат.

Трамп не замина со празни раце

Американската страна ги нагласува своите предности. САД очекуваат Кина по средбата да се обврзе на купување американски земјоделски производи вредни десетици милијарди долари годишно во следните три години. Вашингтон смета дека договорот ќе опфати соја и други култури, но трговците велат дека главните набавки најверојатно ќе следуваат подоцна, зависно од царините и кинеската побарувачка годинава

Трамп рече дека Кина ќе купи 200 авиони „Боинг“, а спомна и договори за енергија, како и механизми за идни трговски разговори, но деталите се ограничени, а нема ни пробив за продажба на напредните чипови H200 на „Нвидиа“ во Кина.

Американскиот претседател, сепак, не замина од Кина со празни раце, но не извојува голема трговска победа и изгледа не постигна јасен договор дека Кина ќе помогне во завршување на војната со Иран. Тој изјави дека наводно Пекинг му ветил оти нема да му дава воена помош на Техеран, ама неговите изјави треба да се земаат со скепса. И покрај тоа, Трамп има материјал за домашна политичка употреба, може да каже дека ја смирил Кина, дека донел економски можности за американските фармери и компании, а и дека Ормускиот Теснец бил ставен на маса. Сепак не остана без ништо.

Трамп: Кина нарачува 200 авиони од „Боинг“

Кина сака да си ја зачува репутацијата

Но, Си доби нешто поважно, а тоа е сликата дека Кина е рамноправна сила, рака под рака со Америка. Кина ова го нарекува „конструктивна стратешка стабилност“ меѓу двете сили, термин што Пекинг го претставува како рамка за односите во следните години.

Трамп е доста директен во своите барања, сака да извезува производи во Кина и бара Ормускиот Теснец да се отвори преку притисок врз Иран за да не се зголеми кризата на светските пазари. Кина сака да биде третирана како сила што не само што учествува во решавањето на кризите, туку има право да ги дефинира правилата.

Tајван сѐ уште е критично прашање. Кинеското Министерство за надворешни работи го стави островот во центарот на разговорите, оценувајќи дека тоа е „најважното прашање“ во односите со САД и предупредувајќи дека погрешно справување може да доведе до „судири, па дури и до конфликти“.

Од американска страна, Марко Рубио порача дека политиката кон Тајван не е променета, што е важен сигнал дека Вашингтон барем засега не го платил Иран со Тајван.

Брат за брат, Иран за Тајван

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот