Брат за брат, Иран за Тајван
Средбата помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг може да тргне во добра или во лоша насока, а засега не е јасно што ќе се случи, особено бидејќи и двете страни ги кријат картите под маса.
Претстојната посета на Доналд Трамп на Пекинг доаѓа во момент кога односите меѓу САД и Кина повторно се наоѓаат на крстопат. Американскиот претседател и кинескиот лидер Си Џинпинг треба да разговараат за Иран, Тајван, вештачката интелигенција, нуклеарното оружје и продолжувањето на договорот за критични минерали.
Препорачано
Но, зад дипломатската агенда стои многу подлабока геополитичка промена – Трамп пристигнува во Кина ослабен од неуспехот во војната со Иран, додека Пекинг добива простор да ја прошири својата моќ без да направи речиси ништо.
Неговата посета наликува на обид за стабилизирање на односите меѓу двете најголеми светски економии. Се очекува двете страни да разговараат за нови механизми за трговија и инвестиции, а Кина би можела да најави купување авиони од „Боинг“, американски земјоделски производи и енергија. На маса е и продолжување на трговското примирје што овозможува проток на реткоземни минерали од Кина кон САД. Овие минерали се клучни за модерната технологија, од електроника до воена индустрија, па затоа договорот има значење далеку поголемо од обична трговска размена.
Средбата може да тргне во добра или во лоша насока, а засега не е јасно што ќе се случи, особено бидејќи и двете страни ги кријат картите под маса.
Трамп очекува благодарност од Кина поради повторното отворање на Ормускиот Теснец, но нема да ја добие затоа што не успеал да го реши суштинскиот проблем – притисокот врз кинеското снабдување со нафта. Кина голем дел од својата нафта ја добива преку Ормускиот Теснец, а истовремено купува санкционирана нафта од Иран, Русија и Венецуела по пониски цени.
Затоа конфликтот со Иран, наместо да биде американска предност, може да стане средство со кое Пекинг ќе извлече отстапки од Вашингтон.
Америка и ЕУ склучија нов пакт за ретки минерали во обид да ѝ опонираат на Кина
Техеран е најкревкото прашање
Најчувствителната точка е Техеран. Според анализа на „Ројтерс“, Трамп сака Кина да го искористи своето влијание врз Техеран за да го притисне иранското раководство кон договор со Вашингтон.
Американските функционери, исто така, ја поврзуваат темата со руската војна против Украина, тврдејќи дека Кина обезбедува приходи, стоки со двојна употреба, компоненти и можни воени канали и за Москва и за Техеран. Со други зборови, Вашингтон сака Си да биде посредник и сопирачка за два режима што ја предизвикуваат американската моќ.
Но, „Индепендент“ во своја анализа вели тоа може да има висока цена. Весникот оценува дека Си би можел да му понуди на Трамп излез од иранската војна, на пример преку договор иранските нуклеарни материјали да бидат испратени во Кина на чување. Такво решение би му овозможило на Трамп да прогласи дипломатска победа.
Стабилизацијата чини отстапки
Но, Пекинг би можел за возврат да бара намалување или повлекување на американската воена поддршка за Тајван, како и поголема слобода во Јужното Кинеско Море.
Токму Тајван е втората голема опасност. „Ројтерс“ наведува дека САД засега не планираат промена на политиката кон островот, кој Пекинг го смета за своја територија, но кој Вашингтон го снабдува со оружје и го поддржува како демократски партнер.
Сепак, „Индепендент“ предупредува дека желбата на Трамп да биде прифатен од моќни авторитарни лидери може да го направи подложен на договори што ја намалуваат американската глобална улога. Во таа логика, светот би се движел кон сфери на влијание – САД во западната хемисфера, Кина во Источна Азија, Русија во својот постсоветски простор.
Самитот во Пекинг е тест за тоа дали Трамп ќе успее да добие конкретни отстапки од Си, или, пак, Кина ќе ја искористи неговата потреба за брза победа за да ја зацврсти својата позиција околу Иран, Тајван и Јужното Кинеско Море.
Вашингтон сака стабилизација, но таа стабилизација може да се претвори во геополитичка добивка за Пекинг.


