Том Брејди откри дека го клонирал своето куче, му зеле крв пред неговата смрт во 2023 година
Поранешниот играч на НФЛ, Том Брејди, призна дека неговото куче Џуни е клон на починатото домашно милениче Луа, кое е создадено во „Колосал бајосајенс“, биотехнолошка фирма со седиште во Далас во која Брејди инвестирал, пренесуваат странските медиуми.
Препорачано
Брејди ја објави веста во соопштение издадено од компанијата „Колосал“, која исто така објави купување на друга компанија за клонирање, „Виаген петс енд еквин“. Двете компании планираат да ги комбинираат своите технологии за проширување на услугите за клонирање за сопственици на домашни миленици и проекти за зачувување на загрозени видови.
– Ги сакам моите животни. Тие ми значат цел свет на мене и на моето семејство. Пред неколку години работев со компанијата ‘Колосал’ и ја користев нивната неинвазивна технологија за клонирање со помош на едноставен примерок од крв од нашиот стар семеен миленик, пред да почине – рекол Брејди.
Луа, мешавина од питбул што Брејди и неговата поранешна сопруга Жизел Бундшен ја посвоија, почина во декември 2023 година, што семејството тешко го претрпе, збогувајќи се со неа со емотивни објави на мрежите.
Примерокот од крвта што се користел за создавање на Џуни бил земен пред смртта на Луа.
Брејди рече дека компанијата му дала на неговото семејство втора шанса преку клон на нивното сакано куче и додаде дека е возбуден што технологијата на „Колосал“ и „Виаген“ заедно можат да им помогнат на семејствата што ги губат своите миленици, но исто така да придонесат за зачувување на загрозените видови.
Иако ова откритие предизвика ентузијазам кај сопствениците на кучиња, кои се свесни колку е болно заминувањето на домашно милениче, сепак има и такви што изразија различно мислење и страв:
„Посвојте, не клонирајте! Ова е толку изопачено“; „Јас би го направил истото 1000%. Моите кучиња се сè за мене!“; „Не, не можете да ги клонирате нивните драги души“; „Дали некој некогаш се запрашал дали клонирањето доаѓа со некакви „несакани ефекти“?“ ; „Не, ќе се сретнеме на другата страна“; „Би дал сè за да го прегрнам мојот Декстер уште еднаш…“, беа дел од мислењата на социјалните мрежи.


