Тимберлејк се спаси од јавен срам: Адвокатите издејствуваа забрана за објавување на видеото од полициската акција
Правниот тим на Џастин Тимберлејк привремено го спречи објавувањето на снимките од камерите направени за време на неговото апсење поради возење под дејство на алкохол во 2024 година. Како што пренесуваат американските медиуми, судот донел привремена одлука со која се одложува објавувањето на материјалот додека не се разгледа барањето на неговите адвокати.
Препорачано
Судијата од округот Сафолк, Џозеф Фарнети, во четврток одобрил привремена забрана за објавување на снимката, според судските записи што ги прегледал „Варајети“, додека „Њуздеј“ прв известил за одлуката.
Властите во Саг Харбор имаат рок до 9 април да достават документација со која ќе ги оправдаат своите напори снимките да бидат објавени.
Тимберлејк во понеделник поднел тужба против полициската управа во Саг Харбор, како и против началникот на полицијата Роберт Дрејк и самата локална управа.

Неговите адвокати тврдат дека објавувањето на снимката би предизвикало сериозна и непоправлива штета на неговиот углед и би го изложило на јавно исмејување и вознемирување, додавајќи дека објавата не служи на легитимен јавен интерес за разбирање на работата на владините институции.
Тие исто така навеле дека тоа би претставувало неоправдано навлегување во неговата приватност. Адвокатот на Тимберлејк и началникот на полицијата во Саг Харбор не одговориле веднаш на барањата од медиумите.
Инаку, поп-ѕвездата беше уапсена во јуни 2024 година откако полицијата го запрела бидејќи со возилото излегувал од својата лента и не застанал на знак „стоп“.
Полицаецот кој го запрел навел дека очите му биле крвави и дека лошо го поминал теренскиот тест за трезвеност. Тимберлејк тогаш тврдеше дека испил едно мартини, но одбил да се подложи на алкотест.

Три месеци подоцна тој призна вина за поблаго обвинение, по што му беше изречена парична казна од 500 долари и обврска да одработи меѓу 25 и 40 часа општествено корисна работа.
„Не ги исполнив стандардите што се обидувам да си ги поставам. Требаше подобро да проценам. Ја разбирам сериозноста на ситуацијата“, изјави тој.
По сослушувањето, Тимберлејк им порача на новинарите пред судот никогаш да не возат ако пиеле алкохол.
„Дури и ако сте испиле само еден пијалак, немојте да седнувате зад волан. Постојат многу алтернативи, јавете се на пријател, повикајте такси, постојат многу апликации за превоз. Ова е грешка што ја направив, но се надевам дека секој што гледа и слуша ќе научи од неа. Јас сигурно научив“, рече тој.


