Тикток воведува задолжителна медитација за сите корисници под 18 години
Тикток одлучи да им помогне на тинејџерите кои немаат доволно сон. Имено, платформата објави дека лансира водич за медитација во апликацијата, кој ќе биде задолжителен за сите под 18 години по 22 часот.
Препорачано
Програмата се вика „Медитација во часови на спиење“, таа ќе биде автоматски овозможена за тинејџери и може да ја активираат сите други корисници.
Функционира на следниов начин – штом часовникот ќе отчука 22 часот, користењето на апликацијата е прекинато со водена медитација која го охрабрува корисникот да го опушти умот и да заспие. Медитацијата го покрива целиот екран и пушта музика и смирувачки зборови.
Кога Тикток ја тестираше оваа задолжителна медитација, 98 отсто од малолетните корисници одлучија да ја задржат, што беше прилично изненадувачки резултат.
Во март, Тикток ја воведе и функцијата „Време настрана“, која им овозможува на родителите да ја блокираат употребата на апликацијата во одредени периоди, како на пример пред спиење.
„Тинејџерите можат да побараат дополнително време, но родителите ја носат конечната одлука“, соопшти компанијата, додавајќи дека секој под 18 години автоматски ќе има дневен лимит на користење од еден час.
„Тиктол одговори на повиците од млади луѓе и нивните семејства за повеќе алатки што ќе им помогнат да ја одржат својата благосостојба додека ја користат апликацијата. Давањето приоритет на спиењето, балансираната употреба и поголемата интеракција помеѓу родителите и тинејџерите на социјалните медиуми се позитивни чекори“, рекла д-р Вики Харисон, директорка на програмата на Центарот за ментално здравје и благосостојба на младите при Универзитетот Стенфорд.
Според анкетата на истражувачкиот центар Пју, дури шест од десет тинејџери го користат Тикток секојдневно, а 16 отсто признаваат дека се на него „скоро постојано“.
Според Фондацијата за спиење, продолжената употреба на електронски уреди дење и ноќе, особено кај адолесцентите, може да го отежни спиењето. Организацијата препорачува да не се користат екрани најмалку еден час пред спиење, да се спие со електронски уреди во друга просторија и генерално да се намали времето поминато на нив. Овој потег на Тикток би можел да им го олесни работењето на сите ноќни птици.


