Тениската асоцијација на Ѓоковиќ доби моќна поддршка, тоа е основачот на АТП

Ѓоковиќ заедно со Поспишил ја формираа Асоцијацијата на тениски професионалци/ фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Минатата година Новак Ѓоковиќ заедно со канадскиот тенисер Васек Поспишил ја формираа Асоцијацијата на тениски професионалци (ПТПА) која е директна конкуренција на АТП.

ПТПА се бори да се подобрат условите и да се зголеми заработката на послаборангираните тенисери и во последно време се поголем број на професионални тенисери преминуваат во оваа организација која се најде на удар на АТП.

Но, сега ПТПА доби уште еден моќен сојузник во битката со АТП, тоа е Доналд Дел, поранешен тенисер и еден од основачите на АТП.

Дел во 1972 година заедно со Џек Крејмер и Клиф Дрисдејл ја формираа АТП за да ги заштитат интересите на тенисерите и во овие четириесетина години направи многу на тоа поле.
Сега Дел вели дека АТП мора да работи заедно со ПТПА, а не да го гледа како конкуренција доколку сака тенисот да оди напред.

Воопшто не сум негативен кога станува збор за ПТПА, но доколку би бил советник на Ѓоковиќ би му рекол да седне на маса со претседателот на АТП, Андреа Гауденци и заедно да дојдат до компромис – вели Дел.

Основачот на АТП го пофали Ѓоковиќ во неговите обиди да ги поправи работите во тенисот.
– Ѓоковиќ треба многу да потруди за да реши некои од проблемите и тоа може да има позитивно влијание на подобрувањето на условите за тенисерите. Како што ПТПА ќе станува помоќна, така ќе има подобро „оружје“ и аргументи да седне на маса и да преговара за важни реформи за кои мислат дека се потребни да се случат во АТП. Не мислам дека ПТПА може директно да се натпреварува со АТП во овој момент бидејќи тие имаат многу повеќе пари и луѓе кои се вклучени во тенисот – додава Дел кој смета дека ПТПА со тек на времето ќе станува се помоќна.

– Би сакал да успеат и да останат доволни силни и моќни за да можат да испреговараат нови услови со бордот на АТП за тенисот да продолжи да се развива.

Тој потоа упати критики и кон најдобрите тенисери на светот.
– Доколку сте приметиле, ниту еден од најдобрите тенисери не се согласи да се зачлени во ПТПА, не слушате најдобрите 10 на светот да се приклучат. Првите 25 тенисери на светот ќе се збогатат од тенисот, што и беше целта на АТП кога се започна и сега не сакаат тоа да го упропастат. На крајот се се сведува на тоа колку тенисери АТП може да си дозволи, дали се тоа 125 како што беше пред 40 години или 275. Сите би помислиле дека бројката мора да биде поголема од 125 бидејќи наградите сега се десетпати поголеми. АТП и ПТПА не треба да се натпреваруваат меѓу себе туку да седнат и да се договорат за тоа што е неопходно, а тоа е повеќе пари да одат за послаборангираните тенисери – вели еден од основачите на АТП.

Видео на денот