Фото: EPA-EFE/DAVID SWANSON

Таткото на тинејџер кој изврши масакр во училиште во САД: Пушката му ја купив за Божик, сакав заедно да ловиме елени

Набргу откако неговиот син тинејџер изврши смртоносен напад во средно училиште во Џорџија, Колин Греј ѝ објаснил на полицијата зошто му купил пушка од типот „АР-15“ и покрај неговото сè поагресивно однесување и потребата од психолошка помош, пренесе Си-ен-ен.

Тој рекол дека на момчето пушката како „голем божиќен подарок“ му ја донел Дедо Мраз. Коментарите се дел од снимка од полициско испрашување која беше прикажана на судењето на таткото, Колин Греј, обвинет за убиство од небрежност.

Во нападот што се случи на 4 септември 2024 година во средното училиште „Апалачи“ во Виндер беа убиени четири лица, а деветмина беа повредени, пишува Си-ен-ен.

Обвиненија за убиство од небрежност

Колин Греј се изјасни дека не е виновен по речиси 30 точки од обвинението, вклучително и по две точки за убиство од втор степен и убиство од небрежност.

Обвинителството тврди дека на својот син Колт Греј му овозможил пристап до огнено оружје и покрај претходни предупредувања дека е опасен за другите, што го сметаат за кривично дело извршено со крајна небрежност.

Неговиот адвокат во воведниот збор рече дека Колин Греј не знаел дека неговиот син планира пукање и дека преземал чекори за да му помогне.

Судењето на Колин Греј е дел од поширок тренд на повикување на одговорност на поголем број лица за училишни пукања, вклучително и родители на сторителите.

Случајот е многу сличен на судењата на Џејмс и Џенифер Крамбли, чиј тогаш 15-годишен син во 2021 година уби четворица ученици во своето средно училиште во Мичиген. Колт Греј, кој сега има 16 години, го призна пукањето и се изјасни дека не е виновен по 55 точки од обвинението, вклучително и четири за убиство со умисла. Датумот на неговото судење сè уште не е одреден.

Во снимен разговор со полицијата, прикажан на суд, Колин Греј изјавил дека сакал да го воведе синот во лов на елени за да му помогне полесно да се справи со турбулентниот семеен живот. Раскажал дека Колт при првото излегување застрелал елен, по што таткото поверувал дека „работите тргнале на подобро“.

„Во главата си помислив, Господе, од тој момент сè ќе биде совршено“, рекол тој.

Сепак, пушката што ја користел Колт се заглавила, па таткото му рекол:

„Да продолжиме така, добро ти оди, можеби Дедо Мраз ќе ти донесе една“.

Потоа му купил пушка како божиќен подарок и му одржал „целосно предавање“ за безбедноста при ракување со оружје.

14-годишен ученик го извршил нападот во средното училиште во Џорџија

Мајката на осомничениот за пукањето во Џорџија го предупредила училиштето пред нападот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот