Светски ден на борба против ракот/Фото: Pixel-Shot, Pixel-shot / Alamy / Profimedia

Светски ден на борба против ракот – највисока стапка на смртност од рак на белите дробови и на дојка

Светскиот ден за борба против ракот е меѓународен ден што се одбележува на 4 февруари со цел да се подигне свеста за ракот и да се поттикне неговата превенција, откривање и лекување. Денот е предводен од Унијата за меѓународна контрола на ракот, (UICC) и е воспоставен во 2000 година.

Примарната цел на Светскиот ден на ракот е значително да се намалат болестите и смртта предизвикана од рак и е можност да се собере меѓународната заедница за да се стави крај на страдањето од рак што може да се спречи.

Темата на кампањата за Светскиот ден на ракот 2025-2027 година, „Обединети од уникатност“ ги става луѓето во центарот на грижата и истражува нови начини за правење разлика. Ракот е повеќе од само медицинска дијагноза – тоа е длабоко лична работа.

Според проценките на Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната агенција за истражување на ракот, малигните болести сè уште се една од водечките причини за заболување и смртност на глобално ниво.

Во текот на 2022 година, во светот се регистрирани околу 20 милиони нови пациенти, додека приближно 9,7 милиони луѓе починале од различни локализации на малигни тумори. Најголем удел во вкупната смртност имале ракот на белите дробови, колоректалниот карцином, ракот на црниот дроб, желудникот и дојката.

Со порастот и стареењето на светската популација, како и со присуството на бројни фактори на ризик, се очекува глобалното оптоварување на малигните болести да продолжи да расте. Малигните болести претставуваат значаен здравствен, но и економски проблем, со високи директни и индиректни трошоци за поединците, семејствата и општеството како целина.

Се проценува дека околу една третина од смртните случаи од рак се поврзани со фактори на ризик што може да се модифицираат, како што се употребата на тутун и алкохол, лошата исхрана, физичката неактивност и прекумерната телесна тежина.

Малигните тумори на белите дробови и бронхиите се водечка локализација во заболувањето и во смртноста кај мажите, како и една од водечките причини за заболување и смртност кај жените. Ракот на дојка е, според смртноста и морталитетот, најчестата малигна болест кај женската популација.

Превенцијата е клучен елемент во борбата против малигните заболувања. Проценките покажуваат дека до 40 отсто од случаите на рак може да се спречат со усвојување на здрави животни навики, како што се откажување од пушење, умерено консумирање алкохол, редовна физичка активност, правилна исхрана, одржување на здрава телесна тежина, заштита од прекумерно изложување на сонце и спречување на инфекции што можат да доведат до развој на рак.

Според најновите водечки препораки од СЗО и други здравствени институци, превенција на ризик фактори:

– Да не пушиме и да избегнуваме пасивно пушење
– Секојдневно движење (барем 30 минути)
– Исхрана богата со овошје и зеленчук
– Одржување здрава телесна тежина
– Намалување на стресот
– Доволен сон

Меѓународните податоци укажуваат дека 30–50 отсто од случаите на рак можат да се спречат со намалување на ризиците и со здрави навики.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот