Судиите задоволни, судската администрација пред ШТРАЈК

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Додека судската администрација размислува за штрајк, судиите велат дека се задоволни, бидејќи им биле исплатени заостанатите додатоци на плата. Вчера членовите на Управниот одбор на Здружението на судии преку телефон одржале седница, на која изразиле задоволство од исполнувањето на договорените обврски од Владата, што ги договориле во февруари годинава. Од судското здружение и замеруваат на Владата што сè уште не е донесен Законот за платите на судиите.

– Во насока на целосно исполнување на договорените обврски, Управниот одбор на Здружението на судите ја поттикнува Владата, во што пократок рок, да ги исполни останатите обврски од договорениот пакет мерки, кои се однесуваат на Измените и дополнувањата на Законот за платите на судиите, со кои се уредува коефициентот за утврдување на плата на судиите и корекција на истиот, за што се одвиваат тековни активности во рамките на Министерството за правда, од страна на работна група, на која учествуваат повеќе чинители на судскиот систем – соопшти Управниот одбор на Здружението на судии.

За разлика од судското здружение, Здружението на судската администрација и УПОЗ, регираат бидејќи додатоците на платата не се исти како оние на судиите. Оттаму прстот го вперија во Судскиот буџетски совет, зашто додатоците на плата за судиите за септември и октомври се зголемени за 10 отсто, а за судската администрација, двојно помалку.

Тие се револтирани, бидејќи на овој начин судиите се привилигирани, со додаток на плата од 6.000 до 8.000 денари месечно, а за судските службеници исплатата е драстично пониска, односно од 500 до 1.500 денари. Бараат оваа пракса на исплата да биде корегирана. Ако не им го испалнат барањето за израмнување на додатоците на платите, тие најавија протест наредната недела во сите судови, а доколку продолжат да бидат игнорирани, ќе штрајкуваат.

– Ваквата состојба предизвикува револт во редовите на судските службеници. Судската служба има легитимно право да бара од Судскиот буџетски совет одговор врз кој критериум една категорија на вработени е привилегирана и добива додаток на плата двојно повисок од судските службеници – рече Сашо Темелковски од Здружението на судски службеници.

Од Судскиот буџетски совет одговорија дека нема да им ги покачат додатоците на платите на судските административци, бидејќи веќе им ја покачиле платата за 5 отсто, но и додатокот за плата, исто така за 5 отсто. Оваа одлука Судскиот буџетски совет ја донел во петокот.

Паралелно, судската администрација сè уште чека и исплата на 40 отсто од платите за јуни и јули 2016 година, кои не им беа исплатени бидејќи протестираа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот