Водата во Скопје е безбедна за пиење / Фото: Архива на „Слободен печат“

Стружани добија февруарски сметки за вода, иако Советот одлучи да не ја плаќаат оти беше загадена

Стружани добија сметки за вода за февруари, иако не ја користеа водата од градскиот водовод поради загаденоста, објави „Сакам да кажам“ (СДК).

Советот на Општина Струга тогаш донесе одлука Општината да ги преземе обврските на граѓаните по основ на фактурите за вода за месецот, но и покрај тоа сметките стигнаа на домаќинствата.

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Струга, Јованчо Мечкароски, вели дека одлуката следела откако веќе биле испорачани сметките.

„Сметките се испорачуваат од први до десетти во месецот, а одлуката беше потоа. Одлуката не е излезена во Службен весник и не е доставена до нас. Треба да ни достават и на кој начин ќе ги обесштетиме граѓаните, дали еднократно или месечно ќе им се одбива од сметките“, вели Мечкароски.

Според него, со ваквата одлука се ставаат во нерамноправна положба граѓаните кои редовно плаќаат сметки со оние кои не платиле ниедна сметка, а најголем проблем е што со одлуката се опфатени и фирмите кои остваруваат голем профит.

„На седницата на Советот кажав дека се ставаат во нерамноправна положба граѓаните кои плаќаат сметки наспроти оние кои не плаќаат, а тука ги ставаме и правните лица кои остваруваат економски профит и имаат сметки од 50.000, 60.000 па и 100.000 денари. Исто така, како Општина сме огромна и има делови кои се снабдуваат од други водоснабдителни системи, па со оваа одлука тие индиректно ќе платат дупло“, вели Мечкароски.

Енормно загадување на водата во Струга, Обвинителството оформи предмет

Општина Струга за февруари презела обврски за покривање сметки за физички и правни лица во вредност од околу 146.000 евра, додека вкупниот долг на ЈП „Водовод и канализација“ достигнува околу 4,88 милиони евра. Во меѓувреме, се отвора и правно прашање околу квалитетот на водата што им била испорачана на граѓаните.

Според адвокатот Бесник Асани, граѓаните, кои ги платиле февруарските сметки, имаат основ да побараат надомест на штета бидејќи водата не ги исполнувала стандардите за безбедност. Тој посочува дека, иако корисниците редовно ги подмирувале обврските, во тој период им била наплатена вода што била неупотреблива за пиење и потенцијално ризична по здравјето, што е потврдено и со стручно вештачење од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од средината на февруари.

Дополнително, граѓаните биле принудени да купуваат вода, што значи и дополнителни трошоци.

Забраната за користење на водата од изворот Шум беше укината на 6 март, откако анализите покажале нормализирање на параметрите, а надлежните најавуваат засилен мониторинг во наредниот период.

Во исто време, Основното јавно обвинителство Струга води постапка за утврдување евентуални пропусти, додека, пак, градоначалникот Менди Ќура посочи дека причините за загадувањето најверојатно се поврзани со човечки фактор и со долгогодишни ископувања од страна на две компании, при што не биле преземени соодветни мерки за заштита на изворот.

Како се снаоѓа Струга со загадената вода?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот