Како се снаоѓа Струга со загадената вода?
Откако надлежните соопштија дека водата од градскиот водовод во Струга е небезбедна за пиење поради зголемена заматеност и сомнежи за загадување, жителите се принудени да купуваат флаширана вода за пиење и готвење или да носат вода од околните села и извори, објави „Фактор“.
Препорачано
Дел од граѓаните велат дека дневно трошат од 100 до 200 денари за вода, што претставува дополнителен товар за семејните буџети, особено за поголемите семејства и пензионерите.
— Купуваме вода, дали имаме или немаме пари, мора да земеме. За пиење и готвење користиме купена вода, а за капење од чешма. Дневно трошам околу 200 денари — вели жител на Струга за „Фактор“.
Енормно загадување на водата во Струга, Обвинителството оформи предмет
Друга граѓанка посочува дека проблемот трае веќе неколку дена и оти граѓаните се снаоѓаат како знаат.
— Си купуваме вода за пиење додека не кажат дека е безбедна. Се надеваме дека брзо ќе се реши проблемот — објаснува таа.
Основното јавно обвинителство во Струга оформи предмет за да се утврдат причините за екстремната заматеност и евентуалната одговорност, а се вршат проверки на изворите и на системот за филтрација.
Надлежните информираат дека заматеноста на изворот Шум се намалува, но сè уште е над дозволеното и забраната за користење на водата останува на сила.


