Фото: илустрација / „Слободен печат“

Енормно загадување на водата во Струга, Обвинителството оформи предмет

По информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни потреби на подрачјето на Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.

„Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење“, информираа од Обвинителството.

При увидот, дополнуваат оттаму, треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.

„Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки“, посочуваат од Обвинителството.

Директорот на локалниот ЈП „Водовод“ Меџијаит Јусуфоски вчера си поднесе оставка од морални причини, откако пет дена имаше криза со загадена вода во Струга. Тој состојбата со водата ја окарактеризира како „катастрофална по здравјето на граѓаните“.

Од чешмите во Струга тече темнокафеава вода, а првичните анализи на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) покажаа дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното. Водата е прогласена за технички неисправна и не смее да се користи ниту за пиење, ниту за готвење, ниту за лична хигиена.

Не е тајна дека стружани години наназад имаат сомнителна, неисправна вода, се појавуваат пропусти при водоснабдувањето. Се случувало и насред сезона, за време на најголемите жештини, Струга да остане без вода за пиење. Тоа знаело да трае со денови, недели.

Водата во Струга и струшко е забранета за пиење

Активисти повеќе пати бараа некаква реакција од централната, или пак од локалната власт која е надлежна за проблемот. Своевремено беше укажувано и на диви приклучоци кои питката вода ја користат за вадење насади.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот