Стотици загинати и ранети во воздушен напад на болница во Кабул – драматично ескалира конфликтот меѓу Пакистан и Авганистан
Авганистан го обвини Пакистан за воздушен напад на болница во главниот град Кабул, тврдејќи дека притоа загинале најмалку 400 луѓе, а 250 се ранети.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тоа претставува драматична ескалација на конфликтот што започна кон крајот на минатиот месец и во кој имаше повторени прекугранични судири меѓу двете земји, како и воздушни напади врз Авганистан. Двете страни не одговорија на бројните меѓународни повици за прекин на огнот, пишува Нова.рс.
Пакистан ги негираше обвинувањата дека погодил болница, додавајќи дека во нападите во Источен Авганистан не биле погодени цивилни цели.
Заменик-портпаролот на авганистанската влада, Хамдулах Фитрат, во изјава за мрежата X изјави дека синоќа околу 21 часот е извршен воздушен напад врз болница во Кабул, уништувајќи големи делови од зградата со 2.000 кревети. Тој рече дека бројот на жртви достигнал 400, а околу 250 лица се повредени.
Локалните телевизиски станици објавија снимки на платформата X на кои се гледаат спасувачи како ги носат повредените надвор од болницата, додека пожарникарите се борат да го изгаснат пожарот во урнатините на зградата. Портпаролот рече дека спасувачките екипи работат на ставање на пожарот под контрола и извлекување на телата.
Воздушниот напад се случи неколку часа откако авганистанските власти соопштија дека двете страни размениле оган по границата, при што загинале четири лица во Авганистан. Најтешките борби меѓу двете страни во последните години влегуваат во третата недела, наведува порталот.
Портпаролот на авганистанската влада го нарече нападот злосторство против човештвото.
Од друга страна портпаролот на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф ги отфрли обвинувањата како неосновани и рече дека ниедна болница во Кабул не била цел на нападот.


