Стопанската комора на Косово бара реципроцитет кон Македонија поради повторната забрана на увоз на риба

Стопанската комора на Косово (ОАК) изрази денеска длабока загриженост поради наводната повторна забрана на извозот на икра и риба за порибување од Косово во Северна Македонија и побара од косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља итно да го реши проблемот.

ОАК тврди дека, иако одлуката на македонските власти од 1 јуни, годинава, за увоз на риби за порибување беше укината минатиот месец, таа деновиве повторно почнала да се применува.

„Измените на законот и процедурите од страна на Северна Македонија стануваат мошне голема пречка не само за нашите бизниси туку и за македонските бизниси кои се снабдуваат од Косово. Поради тоа, ОАК оствари контакти со фирмата “Трофта” и со фирмата „Фреш Фиш” од Гостивар, кои нагласија дека за последните промени кои се направени бизнисите не се претходно информирани и им се создаваат големи бариери во соработката. ОАК бара од министерот Шаља да преземе итни мерки на реципроцитет до постигнувањето конечно решение за ова прашање“, се вели во соопштението на ОАК.

По претходната забрана за увоз од Косово на икра и риба за порибување од страна на македонските власти, косовското Министерство за трговија и индустрија во август наложи забрана на увоз на мед и компири од Северна Македонија. На почетокот на септември, откако косовската страна ги исполни предвидените услови за извоз на икра и риба за порибување, двете земји постигнаа договор и забраните беа укинати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот