Мухамед Т. волонтира на Институтот за радиологија три ипол години и гледа вработувања преку ред

Мухамед Т. дипломиран радиолошки технолог и студент на втор факултет (по медицински науки), три ипол години волонтира на Институтот за радиологија без ниту еден платен час, без здравствено осигурување, па дури и без волонтерски договор.

Тој за „Слободен печат“ тврди дека гледа како преку ред и непосредно пред изборите, раководството на Клиниката делело решенија на други луѓе, а тој е постојано прескокнуван.

Неговото разочарување е огромно, со оглед на тоа што смета дека мерит системот не се применува и само со труд и без партиски врски е невозможно да се стигне на ред и да се добие валоризација на трудот.

-Специјализирав на компјутер и магнет како асистент на радиолог технолог. Има дефицит на такви вработувања, затоа три ипол години сум тука за помош за народот, за државата, но за мене никој не излегува во пресрет. Многу време ми ветуваа дека ќе се вработам, но ништо од тоа. Немам ни надомест, ни плата, ни договор. Здравствено осигурување имам благодарение на тоа што сум студент, изјави тој за „Слободен печат“. 

Запрашан какви работни обврски извршува на Институтот за радиологија тој вели дека држи смени од 8 до 14 часот. До нашата редакција приложи документи односно распореди за работа на радиолошките технолози од 18 месеци и на секој распоред потпишан од економскиот директор Зеќир Курбардовиќ и на медицинската директорка д-р спец. Гордана Ангулеска – Белческа, неговото име фигурира, во смени од по 8 часа дневно.

Од 8 наутро до 14 часот држам смена, имам доказ а тоа е што на сите списоци со распореди за работа, се наоѓа моето име. На никој не му е јасно ова нешто што доброволно го правам. Има и други вакви лица како мене. Ни ветуваа дека ќе се случи вработување. Кога дојде ред да се даваат договори мене ме прескокнаа. Донесоа сосема трето лице кое допрва треба да учи, а јас спремен и со приватна специјализација која траеше една години и ме чинеше 3 илјади евра, не сум примен од институцијата. По потекло сум од Кичево, во Скопје живеам 12 месеци и еден месец ме чини 700 евра, пари со кои ми помага татко ми. Воедно студирам и на медицински науки, таму сум трета година. Вложувам на радиологија бидејќи тоа ми е прва љубов и работата ја сакам. Партиски не сум определен. Да бев партиски определен, ќе се вработев досега. Мислев дека навистина ќе го ценат трудот, знаењето, што тука сум го стекнал и дека ќе бидам примен по заслуга, поради успехот, но тоа не се случи, изјави Мухамед Т.

Тој за „Слободен печат“ тврди дека има дипломиран радиолошки технолог што работи на шалтер на Институтот за радиологија, а дека непосредно пред изборите биле делени решенија во болницата.

Зекир Курбардовиќ, економски директор на Институтот за радиологија за „Слободен печат“ потврди дека Мухамед Т. нема договор иако три ипол години волонтира, а за обвинувањата за предизборни вработувања ги негираше во целост.

-Досега немаме никакво вработување завршено пред изборите. Мухамед Т. волонтира до моментот додека да се направи некоја постапка, дали ќе се примаат понатаму со договор на дело, дали со трајно вработување – тоа е веќе процедура. Апсолутно не зависи од нас, ние сме во постапка, готова ни е систематизацијата, имаме изготвен план за вработување за 2024 година и сите што ќе ги исполнуваат условите, кога ќе ги распишеме огласите ќе имаат право да учествуваат на огласите. Не е точно информациите. Мухамед не е фер да настапува вака. Кај нас се се работи во духот на законот. За 2024 година имаме планирано вработувања на 4-5 радиолошки технолози, еден медицински доктор, тоа е вистината. Сето друго е во доменот на шпекулациите, изјави економскиот директор Курбардовиќ за „Слободен печат“.

„Слободен печат“ неодамна објави дека вработени на Институтот за радиологија, кои по цели денови снимаат пациенти на магнетна резонанца, компјутерска томографија, мамографија, ангиографија, ЕХО, снимања на белите дробови со сложени дијагнози и за пациенти од сите клиники – не добиваат признавање на нивното образование и платата им е пониска отколку што би требало да им биде.

Станува збор за дипломирани радиолошки технолози кои во текот на изминатите години се доусовршиле и се стекнале со 240 кредити и звање „специјалист радиолошки технолог по магнетна резонанца и компјутерска томографија“.

Доусовршувањето на некои од нив, според нашите информации, би требало да им донесе покачување на платите од 4.500 денари, ама наместо тоа, им биле давани решенија со старото звање „радиолошки технолог“ и тоа со старите плати, односно без покачување.

Кога почнале да прашуваат зошто звањата не им се признаени, Институтот почнал да ги повлекува решенијата и да им вели дури и на тие што ги подигнале да ги вратат. „Слободен печат“ се обрати на Институтот за радиологија со прашања зошто платите на овие вработени не им се усогласуваат со нивното образование, но не доби одговори.

 

Радиолошките технолози учат факултет за ништо, бидејќи на платите не им се гледа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот